Во изминатите 24 часа во ковид – центрите во Скопје се хоспитализрани 48 нови пациент поради компликации од коронавирусот. Вкупно 476 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град, соопшти Министерството за здравство.
Во последното деноноќие, на интерните клиники имало вкупно 25 приеми и тоа петмина пациенти биле хоспитализрани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, девет во ковид – центарот на Клниката за неврологија, тројца нови болни се хоспитализирани на Клиниката за дерматовенерологија, исто толку и на Клиниката за нефрологија и петмина болни на Клиниката за очни болести.
Во ковид – центарот во ГОБ „8 Септември“ имало 12 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника 11 приеми во текот на вчерашниот ден. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 19 оздравени пациенти.
Во моментов на Кожната клиника во ковид – центарот се лекуваат 24 пациенти, на Клиниката за неврологија 33 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 54 пациенти со симтоми на коронавирусот, на Клиниката за гастроентерохепатологија се лекуваат вкупно 26 лица, во ковид – центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 26 пациенти, а на Клиниката за очни болести 15 пациенти.
Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 108 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 159 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 31 пациенти, од кои 10 деца и 21 возрасен.
Вкупно 476 пациенти потврдени и сомнителни за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од нив се на кислородна поддршка.
И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, изутрината до 8 часот имало 20-тина слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ „8 Септември“. Се очекува во текот на наредните два дена да почне со работа и ковид – центарот на Клиниката за уво, нос и грло. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна подршка, стои во соопштението.
Во земјава до вчера како активни се регистрирани 20 687 случаи на заразени во Ковид-19. Од почетокот на епидемијата досега беа заболени 55 127 лица, се излекуваа 32 894, а починаа 1546 лица. Како што најави директорот на Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), Љирим Шабани, се очекува наскоро во земјава да пристигне лекот „Фавипиравир“, кој според светските клинички студии, дава позитивни ефекти при третман на лекување на коронавирусо, пренесува МИА.
Лекот, како што посочи Шабани, е одобрен од Агенцијата за лекови, и се продава со различни трговски имиња: „Авиган“ од Јапонија и „Фавира“ од Турција.
– Една од компаниите најверојатно ќе го донесе „Авиган“ оргинаторот, оргиналиот лек од Јапонија, а кога ќе биде тоа зависи од техничките услови. Тие имаат одобрение уште денеска, уште утре да го донесат, но кога ќе го донесат тоа не зависи од наша страна. Другата компанија сака да го увезе лекот „Фавира“ од Турција и тој го одобривме откако ги проверивме сите сертификати. Турција е поблиска и најверојатно многу брзо ќе биде достапен кај нас. Лекот се очекува набрзо да пристигне во државава, рече Шабани.
Тој потенцира дека претходната недела добиле барања од страна на лекарите специјалисти и со оправдано писмо за користење на лекот во државава, постапиле веднаш и ги разгледале сите барања. Конечно во петокот, појасни Шабани, се исполнија сите услови во делот на проверка на сертификати и сите други законски обврски и добивме мислење и од Комисијата за заразни болести за на крај да одлучиме тој лек да го одобриме како интервентен увоз во државава.
– Главна намена на лекот, главна индиција не е коронавирусот, туку е за нешто друго. Тој се употребува веќе шест години во Јапонија. Искуствата, стручните студии, клиничките студии, што ги прават во целиот свет покажуваат дека дава позитивни ефекти при третман на лекување на коронавирусот. Нашите лекари тоа го потврдуваат и на нивно барање и стручно мислење ние го одобривме. Лекот ќе биде дистрибуиран главно во болниците, нагласи Шабани.