Во паркот кај хотел „Јадран“ кој се наоѓа на неколку метри од порта Македонија ќе се гради зграда со приземје, 5 ката и поткровје. Ова е последната зелена површина останата во овој дел од Мал ринг, која сега ќе се бетонизира.
Фирмата „Сколимекс“ добила дозвола за градба, издадена од страна на Општина Центар на 2 ноември неколку дена пред да замине од функција ексградоначалникотСаша Богдановиќ преку информатичкиот систем е-одобрение. Во решението испратено до жителите на соседните згради стои доколку во рок од 15 дена не се поднесе жалба дозволата за градба станува правосилна.
Од кабинетот на градоначалникот Горан Герасимовски велат дека дозволата е издадена од неговиот претходник Богдановиќ, а актуелниот градоначалник од понеделник ќе ја извести јавноста за сите почнати постапки за добивање градежни дозволи.
Поранешниот градоначалник Богдановиќ вели дека тој не потпишал никаква дозвола, а процесот бил почнат и се одвивал преку електронскиот систем додека тој бил на функција.
„Градоначалникот става потпис откако решението ќе стане правосилно, а во овој случај додека јас бев на функција дозволата не беше правосилна. По жалби на граѓани или други неправилности кои можат да бидат утврдени Општината може да не издаде дозвола“, вели Богдановиќ.
Зградата во паркот е предвидена со измените на Деталниот урбанистички план „Мал ринг“ во 2012 кога градоначалник бешеВладимир Тодоровиќ и кога на секоја слободна парцела во центарот беа нацртани згради и објекти од „Скопје 2014“. / Слободен Печат