Поради наглото влошување на епидемиолошката состојба, словенечката Влада одлучи да воведе построги рестриктивни мерки кои ќе стапат во сила од понеделник, а не се исклучени и нови доколку продолжат негативните трендови.
Од понеделник сите ученици и студенти кои се „самотестираат“ за да можат да посетуваат настава, тоа во иднина наместо еднаш ќе треба да го прават два пати неделно. Дополнително, од понеделник се воведуваат почести редовни задолжителни тестирања во здравствените и социјалните установи, а маски ќе треба да носат и вакцинираните, доколку се во директен контакт со други лица.
– Епидемиолошката слика е лоша, се движиме кон најлошата состојба во епидемијата досега, изјави министерот за здравство Јанез Поклукар. Доколку ситуацијата не се промени и ако бројот на лица хоспитализирани на интензивна нега поради Ковид-19 се зголеми на 160 до 180 (во моментов 133), тоа би значело можно затворање на делови од општествениот живот, додаде тој.
Поклукар предупредува дека, со тренд од 3.000 или 4.000 новозаразени дневно, ова последен момент за „да се спречи Бергамо и колапс на здравствениот систем“, пренесува Хина.
Шефицата на владиниот експертски тим за Ковид-19, Матеја Логар, изјави дека е можно како последна мерка да се овозможи работа и слободно движење само за оние кои се вакцинирани против Ковид-19 или кои оздравеле и имаат имунитет, и воведување на онлајн часови или задолжително тестирање за сите ученици и студенти.
Поради тешката состојба и приливот на нови пациенти, најавено е дека ќе бидат отворени уште две болници за пациенти со Ковид, па од следната недела ќе ги има 15.
Словенечкиот министер за економија Здравко Почивалшек најави остри мерки против оние кои не ги почитуваат антиепидемиските правила, откако во последните 24 часа беа потврдени над 3.100 новозаразени лица со Ковид-19, што е втора по големина бројка годинава.
Сопствениците на локали ќе треба да ги контролираат ковид-пропусниците на посетителите, а доколку одбијат да ги покажат или да се идентификуваат, да им се забрани влезот, во спротивно тие се одговорни.
– Доколку е потребно, ќе ги затвориме во согласност со законот оние локали што не ги контролираат посетителите, рече Почивалшек.
Според него, Владата повеќе не смее да ги игнорира високите бројки кои покажуваат дека епидемијата е во пораст.
– Доста е со изговори, ако не престанеме, следи целосно затворање, рече Почивалшек.
Владата вчера соопшти дека за 24 часа имало 3.166 нови инфекции, што е голем пораст на бројот на заразени во споредба со пред една недела, кога беа регистрирани 2.145.
Досега во Словенија се регистрирани повеќе од 3.000 новозаразени само на 5 јануари, кога имало 3.428, а загрижувачки е растечкиот удел на позитивни тестови – во последните 24 часа имало 38,1 отсто.
Во словенечките болници во моментов има 526 пациенти со коронавирус, од кои 133 се на одделенија за интензивна нега, а за 24 часа имало девет смртни случаи од последиците од Ковид-19, соопшти претходно Министерството за здравство.
Во Словенија од септември на работа можат да одат само лицата кои имаат потврда дека се вакцинирани или прележале коронавирус, а ковид пропусниците се бараат и во јавниот превоз, за влез во трговските центри и слично.
Само 53 отсто од населението е вакцинирано против Ковид-19.
Поради големиот број на нови инфекции со коронавирус во Хрватска, Загреб воведе нов болнички режим, според кој сите поголеми болници во главниот град стануваат Ковид-центри, јавија хрватските медиуми.
Зголемувањето на капацитетите за лекување на пациенти со Ковид-19 мора целосно да се реализира до понеделник. Договорен е и диспечер во Итната помош во Загреб кој 24 часа ќе ги следи слободните места во болниците.
Договорено е болниците обврзно да пријавуваат состојба во 8, 14, 19 и 24 часот.
Хрватскиот министер за здравство Вили Берош на денешната владина седница зборуваше за актуелната епидемиолошка состојба во државата.
Тој рече дека се подготвува отворање на загрепската Арена за болни од Ковид-19.
– Продолжува трендот на 75 проценти невакцинирани кај заразените, хоспитализираните и починатите. Здравствениот систем се подготвува за нови оптоварувања. Со достапни вакцини и јасни правила може да се избегнат многу хоспитализации. Повеќе од 80 отсто од лекарите се вакцинирани, кој би не лекувал да не се вакцинирани? Да го следиме нивниот пример, рече Берош.
– Излезот од епидемијата неизбежно и непотребно се пролонгира. Пораката на науката е јасна – треба да го забрзаме излезот од епидемијата преку вакцинација, истакна тој.
Општина Загреб вчера ги мобилизираше клиниките за Ковид како дополнителни места каде граѓаните може да се тестираат.
Секој втор тестиран граѓанин во Загреб вчера бил позитивен, јави Индекс.
Денеска во Хрватска се регистрирани 4.154 новозаразени, додека вчера – 4571, 1.207 хоспитализирани од кои 153 на респиратори и 26 починати.