Негативен ПЦР – тест стана услов за патување во земјите низ регионот, со исклучок на Албанија и на Турција. Условот не важи за транзит низ земјите при влез на граничен премин за воздужен сообраќај, како и на копнен граничен премин, но потребно да се потпише изјава за транзит и да се напушти односната земја во рок од три часа.
– Таа одлука ќе важи од 15 август, и нема да се однесува на српските државјани кои доаѓаат од територијата на тие земји, изјави епидемиологот Дарија Кисиќ Тепавчевиќ по седницата на Кризниот штаб.
Пропишаниот период од 48 часа, според Кисиќ Тепавчевиќ, започнува да тече од моментот на издавање на сертификатите од страна на лабораториите, а одлука е донесена врз основа на проценка на епидемиолошката состојба, како и врз основа на трендот на заболување од коронавирусот.
Црна Гора исто така од денеска ќе ги отвори границите за граѓаните на Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и за Косово. Како што изјави директорот на Институтот за јавно здравје, Бобан Мугоша, за влез во Црна Гора најверојатно ќе биде потребен негативен ПЦР-тест или серолошки тест ЕЛЕСА.
Според него, одлуката за отворање на границите е донесена по барање од туристичката заедница, а начините за влез во земјата треба да ги одреди денеска на седница Националното координативно тело.
Дел од приштинските медиуми јавија дека Владата на Косово на вчерашната седница одлучила „да ги отвори државните граници на Република Косово” со Северна Македонија, Албанија и Србија, оценувајќи дека тоа значи оти граѓаните на трите соседни држави нема да имаат потреба да приложуваат тест со кој ќе докажат дека не се заболени од Ковид-19.
Меѓутоа, членот на косовската Влада, Халил Матоши прецизира дека одлуката на Владата „да ги отвори државните граници на Република Косово со Северна Македонија, Албанија и Србија” се однесува на олеснување на одредени царински процедури со тие три земји и не значи дека се укинува обврската за приложување ПЦР-тест за македонските граѓани при влез во земјата.
Нашата земја, пак, меѓу првите го воведе условот за негативен ПЦР-тест за влез во државава. Според одлуката објавнеа на 10 јули државјаните на Србија, Косово, Црна Гора и на Босна и Херцеговина при влез на граничен премин на територијата на нашата држава задолжително треба да приложат медицинска потврда со негативен резултат од тест RT PCR SARS-CoV-2, направен 72 часа пред влез во земјава. Воедно треба да приложат пополнета изјава со лични податоци за местото на престојување и временскиот период на престојот. Доколку само транзитираат можат да ја поминат границата без ПЦР-тест.
Забраната за влез во земјите од ЕУ Брисел ја воведе на 1 јули и се уште е во сила. Бугарската Влада одлучи делумно да ги олесни мерките за влез во земјата за пет држави, меѓу кои и Северна Македонија, при што од 28 јули македонските државјани можат да влезат во Бугарија само со негативен ПЦР-тест, не постар од 72 часа. Според бугарската Влада, одлуката за овие олеснувања е на барање на туристичкиот сектор во земјата.
За разлика од Бугарија, Грција ја продолжи забраната за влез на македонски државјани до 31 август, поради коронавирусот.
Министерската одлука за привремено ограничување на поврзувањата на Грција со Северна Македонија, Турција и Албанија, од 31 јули 2020 година, што е во сила до денеска, продолжена е до крајот на август, јавува МИА.
Одлуката се однесува на воздушните, копнените, железничките и морските поврзувања на Грција со Северна Македонија, Турција и Албанија.
Согласно новата одлука за границите и согласно министерската одлука што денеска стапува во сила, а предвидува забраната за влез во Грција за државјани на трети земји, македонските државјани до крајот на месецов нема да можат да патуваат во Грција.












