Фестивалот Таксират годинава ќе го одбележи своето јубилејно 20-то издание, а прославата за 20 години алтернатива во Македонија стигнува и во рамки на претстојното издание на фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“ кој ќе се одржува во МКЦ од 3 до 6 мај.
На концертот за затворање на „Прво Па Женско“, како резултат на оваа соработка на „Таксират“ и „Тиииит! Инк“, ќе настапи американската пејачка Акуа Нару, на 6 мај во МКЦ.
Музиката на Акуа Нару претставува комбинација на хип-хоп, џез и соул, и нејзиниот звук се споредува со flow-то на Раким, поетиката на Лорин Хил и, конечно, во единствената моќ да говори во име на афро-американките, со Нина Симон. Акуа храбро јо комбинира „новата“ и „старата“ школа, бранејќи ги своите ставови со уникатни метафори.
Акуа Нару зад себе има три албуми, „The Journey Aflame“, „Live and Aflame Sessions“, „The Miner’s Canary“, како и ширум светот познатите хитови „Poetry: How Does It Feel?“ и „The world is listening“.
Со својот препознатлив хип-хоп звук, општествено разбудените рими и џез-соул елементи, Нару го привлече вниманието и доби многу охрабрувачки критики. Во својата кариера има настапувано со Тони Ален, тапанарот на Фела Кути, хип хоп групата „The Lords of The Underground“, со Вакс Тејлор, Анџелик Киџо, „Questlove” од „Д Рутс“ (The Roots) и т.н.
Билетите за концертот ќе бидат достапни во претпродажба од среда, 18-ти април.
А.П.