• Latest
Војо Маневски

Војната има мирис на нечовештво

March 17, 2022

24 ЧАСА: Кошта со јасна порака до Мицкоски – нема план „Б“ – исполнете го договореното; Путин се исплаши од Зеленски; Тирана домаќин на 6-от самит на Европската политичка заедница

May 15, 2025

ПРАШАЊЕ НА ДЕНОТ: Зошто владејачкото мнозинство не гласаше за помош за настраданите во Кочани?

May 15, 2025
Фото: Креирано со помош на ВИ

Воените жаришта во светот како закана за Трета светска војна

May 15, 2025
Фото: Министерството за економија и труд

Дурмиши: За 2025 година утврдена квота од 10.000 работни дозволи за странци

May 15, 2025
Изет Меџити, вицепремиер (Фото: Биљана Јордановска/ЦИВИЛ)

Меџити: Арбен Фетаи и јас ги браневме етничките прашања во владата, Таравари не се пожали

May 15, 2025
Фото: Влада

Кошта – Мицкоски: Иднината на Северна Македонија е во Европската Унија, процесот на евроинтеграции ќе се засили во периодот кој што следи

May 15, 2025
Фото: Instagram

Мексиканска инфлуенсерка застрелана за време на пренос во живо на TикТок

May 15, 2025
Фото: Скриншот МВР

МВР: На матурска прослава без автомобил, алкохол, дрога и без нарушување на јавниот ред и мир

May 15, 2025
Фото: Фејсбук Орхан Муртезани

Министерот за европски прашања Муртезани го пречека Кошта во Скопје

May 15, 2025

Реакции: „Благодарниците се за да не си даде оставка“; „Катастрофа, за нерешени убиства, пожарот во Кочани, секој ден сообраќајки?“…

May 15, 2025
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home СЛОБОДНА ЗОНА

Војната има мирис на нечовештво

March 17, 2022 11:22
in СЛОБОДНА ЗОНА, ТОП 5
Војо Маневски

Војо Маневски

Share on FacebookShare on Twitter

ВОЈО МАНЕВСКИ

Да го искористам воведот во мојата приказна за неразумното лице на војната, што го опишував во првиот дел и едноставно ќе продолжам да ви ги редам сликите кои мислев дека се закопани во моите сеќавања. Една моја драга пријателка само ме охрабри со зборовите „дај боже барем нешто од овие твои пишувања да дојде до овие неразумни глави, што по цел ден пишуваат по социјалните мрежи за теми за кои малку знаат“.

Беше 17 ноември воена година деведесет и прва. Десетина новинари бевме сместени во еден дел од некаква зграда во селото, на  пет шест километри од Вуковар. Некаде околу девет претпладне дојде висок човек кој се престави како член на штабот на територијалната војска на некаква САО. Знаевме дека се тоа организации на локалните Срби што во текот на летото ги прогласуваа како сопствени парадржавни институции. Уште од првомајските судири со хрватската полиција кај Борово Село, беа под оружје. Немаше никаква ознака на униформата, која беше од територијалната одбрана на Југославија, но немаше  петокрака на капата. Малку ни беше неразумно да одиме и бидеме чувани од неформални војници, но мајорот нѐ уверуваше дека сѐ е тоа под негова контрола и засега не смее да дозволи да останеме во близина на борбите. Влеговме во пинцгауер на ЈНА и се возевме едно дваесеттина минути. Нестварна тишина нѐ опколуваше, а знаевме дека нешто се подготвува за тоа попладне, а само ретко до нас стигнуваше звук на кратки рафални стрелби.

Низ улиците што според правилата на австро-унгарската монархија се ставени под прав агол, стигнавме до некој широк двор со прекрасна куќа која очигледна е правена од богати сопственици. Се поплочено, целиот влез со керамички плочки, а од страните алеи со цвеќиња што грижливо се одржувани. Во длабочината на дворот имаше летна кујна која е вообичаена за Славонија. Широка кујна со скапоцен мебел и долга маса од масивно дрво. Двајца од територијалците беа внатре и веднаш нѐ понудија со кафе. Филџаните од проѕирно жолто стакло со широки тацни под нив. Меѓу себе разговараа со нагласок за кој покажуваше дека не се од Славонија повеќе од една генерација. Едниот ми понуди домашна ракија и само кратко рече – Јас сум Трифун. Трифун  или Трифуновиќ го прашав?

– Ма херцеговачко презиме, ама овде сите ме знаат како Трифун.

Знаев дека целиот кон овој крај имало неколку колонијални бранови. Околу дваесет и третата, четвртата и после Втората светска војна. Онаму каде живееле Германци до тогаш се населени  колонисти од Херцеговина, Босна, Лика. Тоа го знаев, ама дека си го задржале толку јазикот од тие краеви не се надевав. Сепак мислев дека за 45 години го замениле со славонски растеглив нагласок.

– Сите овде сме од Херцеговина и ние и Хрватите, цело село. И тие се од таму, ама сега ќе расчистиме со нив.

Ќе расчистите со нив или со себе си помислив, ама не влегов во дијалог кој и ќе беше бесмислен со било кој што војната му ги замаглила сите текови на разумот. Студенилото тој ден изгледа не доаѓаше само од првите денови на зимата, туку и од некаква тегоба, која како да ни влегуваше во душите и нѐ притискаше. Во дворот слетуваа некакви птици што личат на нашите сколовранци. Доаѓаа во јата и слетуваа на амбарот во кој имаше остатоци од пченка, потоа пиеја вода што останала во вдлабнатинките на поплочениот двор со големина на ракометно игралиште. Изгледа овогодишната реколта домаќините не ја собрале си помислив или ја собрал некој друг. Ја собрала војната се сетив на една реплика од еден наш филм.

– Ова се питоми птици и не јадат месо, некаде до моето уво го слушнав Трифун, а знаеш ли што ми има кажувано дедо ми кој е од под планината Грмеч. Во четириесет и третата кога била четвртата офанзива целиот народ од тој крај избегал во планината. Дедо ми раскажуваше дека биле илјадници. Гладот и усташите ги погубиле најголемиот дел од нив. Наутро јата гаврани летнувале од Бихачкиот крај, а навечер се враќале, летајќи ниско над земјата. Знаеш ли ти новинар зошто летале ниско? Е затоа што биле најадени од човечко месо. Усташите сѐ испотепале и ги оставиле во збеговите на планината. Е гледај сега какви се овие птици, тие јадат пченка, а не човечко месо.

Дојде ред да им вратиме на Хрватите за тие црни птици, ама не сме така крволочни, ние сме повеќе како овие птици. Нека си заминат Хрватите отаде Западен Срем и готово. Испив од сливовата ракија, што ми ја подаде, колку да го исперам горчливиот вкус на искажаните зборови. Молчев веројатно од страв дека оваа авантура може да се заврши во дворот на оваа куќа и не му одговорив дека и јас сум го читал Бранко Чопиќ и ја знам приказната, ама ниту тој е негов дедо а приказната има и друг дел, каде писателот ги опишува случките од војната. За секој случај се тргнав кон убавата софа на крајот од големата соба и потонав во мислите. Трифуне, Трифуне, не ја оправдувај својата состојба со приказни од минатото, тоа е сигурен билет за погрешна иднина. Ќе ги измешаш минатото и иднината, па ќе ја упропастиш сегашноста и својата и на другите.

Попладнето не дојде како дел од денот, туку како најава за страшната ноќ. Некој генерал или командант сигурно ги завршувал последните наредби. И започна нешто како звук од длабочината на земјата. Свиреа разни артилериски орудија и ракетни фрлачи, реско одекнуваа рафалите. Можеш да ги стискаш ушите со дланките колку сакаш, но звукот се пробива до средината на главата. Не, не е тоа звук, тоа е израз на темната страна на човештвото и мислам дека е единствен опис. Траеше тој звук повеќе од еден час, а потоа некако се исцепка на интервали. Како некој на некаква небеска органа да свири, но по злокобни ноти. Со почетокот на вечерта интензитетот се смири и сето доби некаков облик на хук, кој си одеше и доаѓаше до нашите уши. Само на миг помислував дека мене ме притиска само звукот и тегобата на стравот од сѐ околу мене, а како ли е таму во тоа гротлото каде паѓа тој дожд од усвитено железо и експлозив. Мора и вратата на пеколот да изгледа некако вака, си помислив.

Некаде пред полноќ во дворот почнаа да доаѓаат разни наоружани лица. Имаа маслинесто зелени униформи, а се појавуваа и офицери со беретки и во маскирни униформи. Некаква војничка забрзаност како да се воспостави. Трифун не се оддалечуваше од нас и постојано ни нудеше некакви конзерви и кафе.

– Ма пробај бе новинар, ваков гулаш ни дома не може да се направи, од Гавриловиќ е. И немој да се плашите за својата сигурност, ве чува гардиската дивизија од Белград. Елитни војници се тоа. Наебали се усташите, готови сѐ.

Околу полноќ пред дворот пристигнаа неколку војни возила. Еден оклопен транспортер само малку ја закачи оградата на убавата куќа и таа немоќно се преврте на внатрешната страна. Кој не градел лесно руши велеше мојот татко, ама гардиецот не ја слушнал таа реченица а и моќно му е возилото . Некои лица со беретки и бели парчиња ткаенина заврзани на еполетите, влегоа во собата. Готово е, го освоивме Вуковар викаа и се прегрнуваа, бакнувајќи се три пати.

– Дај Трифуне од таа на газда Вуко. Има од неа за цела чета, а не само за овие новинарите. Тогаш дознав дека сопственикот на куќата го викаат Вуко и е Хрват од Херцеговина со презиме Мараш. Од четириесет и седмата е во ова село и е еден од најбогатите селани. Се гледаше тоа по гаражите и разните економски простории зад куќата, а кои сега беа празни. Изгледа ги однела војната тракторите и комбајните или најверојатно соседите кои се по потекло од истиот крај, ама се крстат со три прста. Полека доаѓаа уште разни војни лица и влегуваа во куќата. Како кога се закачува зимското палто или капата на закачалката во претсобјето, така и тие ги закачуваа пушките.

– Ајде бре новинар расположи се, ќе има за што да пишуваш, оваа е историја, а ти си сведок – ми викаше Трифун на увото како да бевме на фудбалски натпревар. Од куќата почнаа да доаѓаат песни со војни содржини и со текстови за кои дотогаш не бев чул. Некакви војводи и команданти за кои учевме дека се народни непријатели, сега се славеа како јунаци.

Сета атмосфера полека како да ми го истоштуваше организмот, па водата во мене бараше да се источи. Трифуне, каде е овде тоалетот го прашав.

И и и ,тоалет а гледај колкава авлија има Вуко, мочај брат каде сакаш. Кога виде дека не се согласувам со неговата хигиенска одлука, безволно ме повика.

Ај бе новинар по мене. Излеговме од просторијата која служела како летна кујна и трпезарија и низ еден ходник поминавме во приземниот дел на големата куќа. Раскошен тоалет со убави плочки и големина како гарсониера на располагање за моите потреби ми го додели Трифун.

– Ете да не речеш ние сељаците од Славонија немаме тоалети и сѐ правиме по дворовите и нивите, ај сега мочај, ама не се задржувај, јас одговарам за тебе со некоја лесна насмевка, ми ја отвори вратата Трифун.

Големото огледало на плакарот ме исцртуваше во природна големина, таман да му биде незгодно на човек кога врши нужда. Кога излегов од тоалетот забележав убави скалила што водеа некаде надолу кон подрумот. Колку ли пати се прекорувам за својата љубопитност? Мал завој под скалилата со лакирана дрвена врата што беше подотворена и се појави подрум со закачено сушено месо и рафтови со многу тегли во кои веројатно се компоти и разни џемови, што секоја година се прават во овие краишта. Широка, дрвена софа за седнување и за секој случај за подлегнување ако домаќинот претера со сливовицата или сушената сланина е најчест инвентар во подрумите на славонските куќи.

И овде беше исто, ама сепак не исто. Овде софата сега беше полна со некакви ќебиња. Ја запалив рачната светилка што ја носев во џебот и дури тогаш се сетив дека има струја во куќата, иако на само неколку километри се водеше борба. А за такви технички прашања секако сум дунстер. Го најдов прекинувачот и светнаа неколку тавански лустери. Тивко мрморење слушнав од ќебињата. Пријдов, а покриен со нив лежеше некој човек на возраст од околу шеесетина години. Имаше густа седа коса што сега беше облепена со засирена крв. Пријдов и со страв се обидов да го подигнам. Имаше крупни кафеави очи што со страв ме гледаа.

– Кој си ти, тивко ме праша.

Новинар сум му реков нѐ доведоа овде пред да не водат во Вуковар да пишуваме за борбите. Како да му се смири стравот и полека се подигна, па се потпре на потпирачот на софата.

– Боса моја, си ја видел ли? Не никого не сум видел му реков. Само дојдов до тоалет и господ знае зошто влегов овде. Така е рече, господ знае, ама  не знам кој господ. Нашиот или на моите соселани што оваа ми го сторија. Ако имаш шанса види што е со мојот Боса. Проклети, па и таа е Србинка, ако мене ме мразат поради тоа што сум Хрват зошто неа ја малтретираа. Мирувај му реков, ако не се сите пијани можеби некој ќе прашам. Тешко дишеше, а главата ја држеше клапната на градите. На нозете имаше обуено сини гумени чизми со внатрешна пополнетост за студените славонски зими. Само молчев и излегов низ вратата без да ја затворам до крај. Влегов во ходникот и пред големата соба се појави Трифун. Ајде бре новинар, ќе му испосереш сѐ на Вуко Мараш.

Песната не стивнуваше од големата куќа, а од време на време некој стрелаше со пиштол низ прозорецот, што беше на спротивната страна од местото каде ние бевме сместени. Ај мајчин сине, заспиј  ако можеш си помислив и повторно се фатив за големиот филџан со кафе.

Како гневот на војната да стивнуваше и засега беше заситена нејзината глад за човечки животи. Некогаш човек заспива затоа што го притисне сонот, а некогаш зошто го притиска јавето. Притисокот е толку голем што едноставно, заспиваш.

– Ајде јунаци, станувајте се раздра некој на вратата со беретка на главата. Јас сум капетан Беара и од сега за вас јас ќе се грижам. Лично генералот Обрадовиќ ми нареди да ве чувам. Сѐ што треба да видите, ќе видете, но запаметете овде се војува и се гине за татковината, затоа мора да се однесуваме во склад со состојбата. Се разбравме ли, авторитетно издекламира. Колегата од Борба кој тогаш имаше околу педесет години се протегна и ме праша. Војна не војна мора да се оди во тоалет, ти знаеш каде е, ај покажи ми! Трифун  тоа утро никаде го немаше, а  самиот велеше – до враќањето преку Дунав јас гарантирам за вас и нема разделба до тогаш.

Поминавме низ истиот ходник и го одведов колегата до големиот тоалет. Што е човечката природа? Што ја влече кон предизвиците? Кој ѓавол ме натера да слезам низ скалите кон подрумот, кои ги поминав синоќа. Вратата беше отворена, а дел од теглите беа расфрлани по подот. Само едно срамежливо парче сланина висеше на ченгелот, како нем сведок за богатството од суво месо, што до пред неколку часа висеше овде. Ќебињата си стоеја на софата, но префрлени преку горниот дел. Во ќошето забележав само сини чизми. Направив уште еден чекор и го видев Вуко како лежи склупчен во ќошето. Бледото лице покажуваше дека веќе заминал од овој дел на пеколот што излегол од земјината утроба. Стоев и не приоѓав. Некакво чувство на страв ме натера бргу да ја затворам вратата и да потрчам по скалите. За малку се судрив со колегата кој излегуваше од тоалетот и очигледно сакаше да ми ги пренесе впечатоците за него. Кога ме виде веројатно пребледен само ме фати за рака и рече –ајде викаат по нас! Го зедов ранецот што ни го дадоа уште кога бевме на бензинската станица и  тргнав кон вратата на летната кујна .

– Вода, вода да не заборавите викаше Беара. Во војна секогаш мора да имаш вода со себе. Не знаев каде да се свртам, а да се вратам кон тоалетот не доаѓаше во предвид. Отворив една врата, иако не знаев зошто и во долгата просторија со машини за перење облека  и пеглање, лежеше жена. Распарталена беше. Тренерките и беа искинати, а даската за пеглање лежеше врз неа. Низ главата ми помина заклучокот дека тоа е Боса, сопругата на Вуко кој прашуваше за неа. Мојот стомак не издржа и нагонот за повраќање ме натера да излезам низ вратата на која влеговме уште од претпладнето. Повраќав сѐ што во стомакот сум ставил за сите изминати години. Можам ли да го повратам сето зло што на очи го видов последните неколку дена? Ми пријде капетанот и со насмевка ме охрабри. Не претерувајте со конзервите, некои се десеттина години стари. Земајте нешто полесно, во ранецот имате добри бисквити.

Како не му одговорив не знам ни денес, ама веројатно стравот од состојбата ме замолчи. Влегуваме во оклопен транспортер едно седум осуммина и тргнуваме кон Вуковар. Не се слушаат татнежи само некој необичен и неопишан мирис го полни воздухот. Ми се чини дека можам да го почувствувам и сега, дури и на сликите од Украина. Тој мирис или чувство на нечовештво нема агрегатна состојба.

Доаѓаме до некаков контролен пункт и застануваме. Војник со некаква бела панделка на ракавот само го погледна капетанот и извика.

– Вуковар е слободен, само напред. Од кого го ослободивте си помислив. Од Вуко што остана во својот подрум или од Боса во вешарницата. Да, да од нив го ослободивте засекогаш, а на пат сте и да го ослободите од него самиот.

За сликите од „ослободениот“ Вуковар во наредниот текст. Ако соберам сили да го напишам.

Print Friendly, PDF & Email
Share33Tweet21Send

НАЈЧИТАНИ 5

  • Пандов љубител на костимирани настапи: ангелче, комита, моторџија, историчар, директор, а сега влезе и во мафијашки филм

    142 shares
    Share 57 Tweet 36
  • Зошто надворешната политика на владата на ДПМНЕ е антинационална и стана „тажната приказна“ на Балканот

    131 shares
    Share 52 Tweet 33
  • Тричковски: Медиумите се за граѓаните тоа што е златицата за компирите!

    97 shares
    Share 39 Tweet 24
  • Мрежа за заштита на жените Ромки: Фемицидот врз Рамајана не е изолиран инцидент; 142 случаи на семејно насилство врз ромски жени регистрирани во 2024

    96 shares
    Share 38 Tweet 24
  • ПОРТОКАЛОВА ГЛАВА НА ТЕГЕТ ОДЕЛО: Трамп, дрско и без почит, во потрага по внимание на погребот на Папата

    93 shares
    Share 37 Tweet 23

CIVIL MEDIA NEWSLETTER

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДЕЗИНФО
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ