Граѓански новинар испрати фотографија до ЦИВИЛ Медиа, на која се гледа како возило на Брза помош на пат до Клиничкиот центар е заглавено во сообраќај.
Фотографијата од граѓанскиот новинар е направена вчера, во попладневните часови, кога проблемот со сообраќајниот метеж е најголем во Скопје.
ЦИВИЛ Медиа постави прашања до Град Скопје за тоа што планираат да направат во однос на сообраќајниот неред, а оттаму одговорија дека работат на планови за нови капитални сообраќајни решенија, со кои би се подобрило одвивањето на сообраќајот во Скопје и дека сето тоа би се остварило со реализација на поголем број на клучни решенија, од кои и повеќе од тие решенија се во нивна реализација.
Ова не е прв случај граѓански новинар(к)и да испраќаат фотографии до ЦИВИЛ Медиа за проблемот со сообраќајот во главниот град. Истиот проблем го имавме и минатата година, каде граѓанската новинарка Даниела Мирческа ни испрати видео од пред детската клиника во Скопје, каде возилото на брза помош беше заглавено, од страна на несовесни граѓани кои ги оставаат своите автомобили на улица.
Според Даниела Мирческа, во возилото на итната помош било дете во критична состојба кое од интензивна нега на детската клиника итно требало да биде пренесено во друга клиника.
Потресната реакција на докторката одговорна за детето не ги остави рамнодушни сите оние кои го погледнаа видеото. Но иако видеото предизвика бурни реакции од јавноста, институциите сè уште молчат. Сообраќајниот хаос во клиничкиот центар е секојдневие, а ниту директорите, ниту Паркинзи на Град Скопје под чија надлежност се паркинзите во кругот на клиниките, немаат слух за решавање на проблемот.
Вработените на клиниките велат дека не ретко овој проблем ги чини пациентите живот. Пациентите, пак, се снаоѓаат како знаат и умеат.
„Страв ме фаќа од самата помисла дека треба да одам на клиника. Апелите да не се влегува со возила во кругот на клиничкиот центар не го решаваат проблемот. Особено кога се работи за постари и изнемоштени лица, а брзата помош ќе одбие да дојде“, вели К.С. за ЦИВИЛ Медиа.
А. П.