Паралелно со ширењето на пандемијата на КОВИД-19 во Европа и светот, растат и тензиите предизвикани од оваа криза, како на економски, така и на политички план. За жал, голем број од земјите покажаа како не треба да се однесуваат политичките партии за време на криза од вакви размери. Ниту Северна Македонија во оваа смисла не преставува исклучок од „правилото“.
Македонските политичари, особено оние од опозицијата дефинитивно овие денови не само што не покажаа чувство за состојбата во која се наоѓа земјата, туку и понатаму продолжуваат со нападите кон власта (од која се и тие дел, имајќи предвид дека кризата ја дочекавме со техничка Влада), обвинувања, соопштенија, служење со ситни и малку покрупни лаги, небаре сме сред изборна кампања.
Некои отидоа дури до таму што на голема врата ги протнаа и своите блиски релации со одредени политички структури од поединечни земји во Европа, за да си препишат дел од заслугите за помошта која деновиве пристигнува во земјата. И тоа, истите оние кои пред само десетина дена урлаа хистерично дека наместо помош Европската Унија ги затворила вратите на Северна Македонија.
Случај Словенија
На 3 април, на скопскиот аеродром пристигна донација од Владата на Република Словенија за Министерството за внатрешни работи. Донацијата се состои од 100.000 маски и 100.000 ракавици во вкупна вредност од 110.000 евра.
Бидејќи донацијата се однесува на Министерството за внатрешни работи логично е дека истата треба да ја прими министерот за внатрешни работи, во случајов техничкиот министер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев. Она што не е логично е искористувањето на оваа ситуација од страна на Чулев и неговата партија кои заслугите за донацијата ги препишаа на своја адреса.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, на Фејсбук објави дека, неколку дена пред тоа, разговарал со словенечкиот премиер, Јанез Јанша и дека тој му ветил помош во борбата против корона вирусот, па заслугата за помошта од Словенија си ја препиша себеси. На иста линија беше и неговиот сопартиец Чулев, кој не ја испушти приликата да му се заблагодари на својот партиски претседател за личното вложување и ангажман во процесот.
Министерство за одбрана на Република Словенија на официјалниот сајт објави информација дека донацијата која пристигна во земјава со специјален лет е доставена преку механизмот на ЕУ со цел да се помогне во спречување на ширењето на болеста.
„Со тоа, Словенија, во духот на меѓусебна солидарност, се одзва на барањето на Северна Македонија, за хуманитарна помош преку механизмот на Европска Унија, во рамки на цивилната заштита, со цел спречување на ширење на болеста КОВИД 19“, се вели во официјалната информација на МО на Словенија, која стои на официјалниот сајт на Министерството за одбрана на Словенија.
Случај Унгарија
На 6 април, пристигна и помошта од Унгарија. Петер Сијарто, министерот за надворешни работи на Унгарија, допатува со карго-авион во Скопје со помош за Македонија. Хуманитарната помош вклучува 100.000 маски и 5.000 скафандери.
Повторно, исто како и во случајот со донацијата од Словенија, ВМРО-ДПМНЕ не ја пропушти приликата себе си да си ја препише заслугата, иако претседателот на партијата во своите јавни излагања досега се обидуваше да ја негира соработката со Никола Груевски кој, онака „случајно“, се наоѓа во азил во Будимпешта.
Помош од фондовите на ЕУ
Напорите на евро-скептиците да ја релативизираат помошта која Европската Унија во изминатиот период ѝ ја додели на Северна Македонија, се чини дека пропаднаа во оној момент кога земјата го доби датумот за преговари за членство во ЕУ.
Па така, средствата кои се предвидени за земјата како „награда“ за добро сработеното во изминатиот период, за што потврда е токму одлуката за отпочнување на преговорите, овој пат се пренамени во средства за помош за справување со кризата предизвикана од пандемијата на КОВИД-19. Истовремено, земјата доби дополнителни 4 милиони евра. Поточно, помошта изнесува 66 милиони евра, средства за справување со социо-економските предизвици како директна помош од Унијата.
Холандија ќе донира тестови за корона вирус базирани на нуклеарна технологија
Холандија ќе даде поддршка за Македонија преку набавка на тестови за корона вирус базирани на нуклеарна технологија кои се развиени од страна на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) и Светската здравствена организација.
Технологијата користена за овие тестови е првично воспоставена за потребите на ветеринарниот сектор заедно со Организацијата за храна и земјоделство, а потоа доразвиена и искористена во рамките на справувањето со епидемиите на ЗИКА и ебола.
„Запирањето на пандемијата на корона вирус е од општ интерес за човештвото. Треба да работиме заеднички на глобално ниво за да ја ставиме под контрола“, изјави холандскиот министер за надворешни работи, Стеф Блок.
Вкупната холандска поддршка за тестовите за корона вирус од МААЕ кои ќе бидат дистрибуирани во Северна Македонија, Украина и Мароко изнесува 500.000 евра.
1.1 милион долари помош од Соединетите Американски држави
Владата на Соединетите американски држави (САД) обезбеди 1,1 милион американски долари за намалување на ширењето на COVID-19 во Северна Македонија.
Преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), САД овие средства ги доделува на Светската здравствена организација (СЗО) и Фондот за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ) за спроведување активности за поддршка на напорите на земјата да се справи со состојбата предизвикана од COVID-19. УСАИД е во координација со Владата на Северна Македонија, меѓународните хуманитарни партнери и другите заинтересирани страни за да ги идентификува приоритетните области за доделување помош.
Преку оваа помош, американската влада ќе поддржи:
- Зајакнување на капацитетот на лабораториите за да се подготват за спроведување на систем за тестирање во услови на зголемен број тестирања за COVID-19.
- Надзор и брза реакција за побрзо откривање на нови случаи и следење на развојот на епидемијата предизвикана од COVID-19. УСАИД исто така помага да се обучат и опремат тимови за брза интервенција за истражување на позитивните случаи и спроведување на анкети за следење на контактите.
- Развивање соодветни комуникациски канали за да се помогне во информирањето и образованието на луѓето за чекорите што можат да ги преземат за да се спречи и да се одговори на ширењето на вирусот. Поддршка за управување и зајакнување на клиничката нега со истовремено минимизирање на ризикот од натамошно пренесување на други лица.
- Превенција на инфекциите и контрола за спречување на ширење на инфекции во здравствените установи.
Британската амбасада со донација за АРМ
Британската Амбасада на својот официјален Твитер профил објави дека е важно да се остане заедно во овие времиња на предизвици.
Државниот секретар Николиќ ја прими британската донација од заштитни ракавици и повеќе видови пумпи на висок притисок и рачни пумпи за дезинфекција. Армијата се грижи за граѓаните, ние се грижиме за безбедноста и заштитата на нашите војници, објави Министерството за одбрана на Фејсбук.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и британската амбасадорка Речјел Галовеј претходно разговараа преку конференциска врска за најновите информации во врска со корона вирусот во земјава, како и за идната соработка во одбраната.
Одржавме виртуелен состанок со министерката за одбрана Шекеринска денеска за да разговараме за најновите информации за ситуацијата со корона вирусот во Северна Македонија и за идната соработка во одбраната. Задоволство ми беше да слушнам за напорите на Армијата кои работат со клучните институции во борбата против КОВИД-19, напиша на Твитер британската амбасадорка.
Најавена помош од Турција
Министерот за надворешни работи вчера изјави дека е пристигната информација од кабинетот на турскиот претседател Ердоган за донација во вид на маски, заштитни одела и тестови.
Истовремено, Димитров очекува помош и од Шведска, Германија и Кина.
Македонското барање за помош од НАТО: 50.000 тестови за КОВИД-19, 200.000 скафандери…
Педесет илјади тестови за КОВИД-19, десетина илјади литри раствори за дезинфекција, но и големо количество медицинска и заштитна опрема е наведена во македонското барање до НАТО Евро-атлантскиот Центар за координација на одговор на несреќи, испратено на 30 март. Центарот за координација на одговор на несреќи е тело на Алијансата кое, во вакви ситуации, ги прима барањата на сојузниците на кои им е потребна помош, и ги ускладува со вишокот или расположливите капацитети на други сојузници, кои можат да помогнат. Тоа е и наведено во последната точка на документот во кој е опишано барањето за помош на Македонија:
„Со цел да и се овозможи координиран одговор на Република Северна Македонија во нејзините барања, државите кои се во можност да одговорат на овие барања, во целост или делумно, се поканети да одговорат преку Оперативната контактна точка…“ наведува Центарот во документот со назнака „приоритетно барање“, со кој им се обраќа на сите сојузници.
Некои политичари како да забораваат…
Ова се само дел од чекорите кои се преземаат овој период во насока на обезбедување на финансии и средства за справување со пандемијата и што е можно поголемо ублажување на социо-економската криза која неминовно ја зафаќа и нашата земја.
Повеќе од потребно, во овој момент, е да се потсетат некои политички партии дека парламентарните избори се одложија, не се наоѓаме во предизборна кампања, туку во криза од сериозни размери.
Уште повеќе, некои политичари како да забораваат дека во моментов на власт е техничка Влада во која членуваат министри од различни партии кои беа дел од власта и од опозицијата во последниот парламентарен состав, што е своевидно олеснување во однос на товарот и одговорноста, што треба да се понесе во справување со новата зараза. Па во таа смисла секојдневните политички офанзиви се крајно непродуктивни и само дополнително создаваат немир кај граѓанките и граѓаните.
Сега е најпотребна конкретна комуникација и вистинска и искрена соработка во полза на надминување на состојбата во која се наоѓа земјата и светот. Нашиот главен град своевремено беше прогласен за град на солидарноста. Да се погрижиме да ја зачуваме барем таа репутација имајќи предвид дека најтешкото допрва доаѓа!
Маја Ивановска