Градежна механизација на Јавното претпријатие „Македонија пат“ започна со изградба на втората фаза од патниот правец Теранци-Кучичино што е дел од регионалниот пат Виница – Штип.
Делницата е со должина од три километри, а во моментот се врши порамнување и проширување на теренот, по што до почетокот на летото ќе се асфалтира коловозот.
– Овој патен правец е дел од регионалниот пат кој ги поврзува општините Чешиново-Облешево, Зрновци и Карбинци. Со неговото комплетирање ќе намали интензитетот на сообраќајот што се одвива по магистралниот пат А3, а воедно за жителите од нашите села ќе се скрати пристапот до соседните општини за десетина километри, истакна градоначалникот на Чешиново-Облешево, Горанчо Крстев.
Изградбата на патот Теранци – Кучичино е дел од програмата на Јавното претпријатие за државни патишта на Република Македонија за изградба на регионалната делница што ќе поврзува пет општини.
По завршувањето на оваа делница источниот регион ќе добие комплетно ново алтернативно сообраќајно решение од Виница до Штип.
извор: МИА