Најновата книга на Катерина Колозова, издадена од Блумсбери академик – Лондон, Велика Британија, „Холокаустот на животните: Нон-марксистичка критика на Капиталот, патријархатот и филозофијата“ (Capitalism’s Holocaust of Animals), прв пат издадена на крајот на 2019, доживува свое второ издание оваа пролет од истиот издавач (Блумсбери академик, Лондон), конечно има достапна цена и на Амазон.
Врз основа на дискусиите кои потекнуваат од пост-хуманизмот, нон-филозофијата (што е различно од не-филозофија и послично на радикална верзија на пост-филозофијата) на Франсоа Ларуел и науката за „видовите битие на човештвото“ што произлегуваат од Марксовата критика на филозофијата, Катерина Колозова предлага радикално преиспитување на економската експлоатација на животот – човечкиот и нечовечкиот подеднакво- од страна на капитализмот.
Оваа книга ја користи филозофијата и науката на Франсоа Ларуел за да поттикне размисли преку прашањата за „практичната етика“ и да ги донесе апстрактните алатки на (нон-)филозофијата на Ларуел во „разговор“ со други критички методи во хуманистичките науки. Колозова го центрира прашањето за животното во самата срж на тоа што значи за нас како човечки суштества да размислуваме и да дејствуваме во светот и експлоатацијата на „животното“ (човечко и нечовечко, подеднакво) од страна на капитализмот. Имено, таа објаснува дека човекот мора да биде подложен на дехуманизација – сведување на неговиот животински гол живот – за да може да биде безмилосно експлоатиран. Во доцниот капитализам, човекот се повеќе станува таков животински ресурс за експлоатација наместо субјект на работната сила – ова поради забрзаната автоматизација на трудот.
„Ние признаваме дека животните се свесни суштества и дека имаат права, но секогаш ги третираме како апстракции. Катерина Колозова нè тера да разбереме дека токму филозофијата го поттикнува ова верување, бидејќи филозофијата е негирање на Животното, како што беше и негирањето на жените. Покрај тоа, овие негирања се услови на затворање на филозофските системи. Колозова нè поттикнува да ја трансформираме нашата концепција за филозофијата, поврзувајќи ја со нови, повеликодушен концепт на жена и животно“. велат во рецензијата Франсоа Ларуел, професор емеритус на Париз-Нантер автор на Принципите на нон-филозофијата и Ан-Франсоаз Шмид, Новиот центар за истражување и пракса-Сеатл.
Рик Елмор, доцент по филозофија од Апалачкиот државен универзитет во САД истакнува дека Холокаустот на животните, е убаво интензивно, предизвикувачко и проникливо носење на ларуелската нонфилозофија, марксизмот, феминизмот и Лакановата психоанализа на прашањето за животот на животните во капитализмот. „Колозова дава духовна и крајно привлечна одбрана на тврдењето дека вистинската човечка еманципација бара еманципација на животните “, вели Елмор.
Nandita Biswas Mellamphy, професор по политичка теорија на Западен универзитет-Онтарио, Канада, во рецензијата подвлекува дека Колозова настојчиво тврди дека целосното трошење на сите животни (вклучително и луѓето и оние без јазик) е предуслов на капитализмот и неговата метафизика на самодоволност.
„Во оваа густа и привлечна нон-филозофска провокација, Колозова настојчиво тврди дека целосното трошење на сите животни (вклучително и луѓето и оние без јазик) е предуслов на капитализмот и неговата метафизика на самодоволност. Втемелена во Ларуеловото препрочитување на Маркс (кое сепак стратешки се усогласува со критички и антимаскулинистички концепти како „киборгот“ на Харавеј), оваа книга опфаќа современи наративи за хуманизмот и постхуманизмот нудејќи остра критика на субјективистичката филозофија и нејзината логика на експлоатација “, објавува во рецензијата професор Nandita Biswas Mellamphy.
Книгата од Колозова „Пресекот на Реалното: Субјективитетот во постструктуралистичката филозофија“ (Cut of the Real: Subjectivity in Poststructuralist Philosophy), издадена од Универзитетот Коламбија од Њуjорк во 2014 и 2018 е и понатаму меѓу првите 100 најпродавани филозофски книги од нејзиното подрачје, во друштво на пера како Мишел Фуко, Јулија Кристева и Жак Лакан.
Колозова, покрај својата филозофска работа, e и координатор на бројни студии на политики/применети општествени науки на темата илиберална демократија, „заробена држава“, слобода на медиумите и академските слободи. Таа била супервизор на бројни докторски и магистерски тези на повеќе универзитети во Западна Европа и во регионот на ЈИЕ.
Ј. Ѓорѓиоски