Со почеток во 10:00 часот, прес-конференција ќе одржат премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими. Тема на прес-конференцијата е збирниот ефект од четирите пакет мерки, реализацијата на буџетот, информација за тековните економски движења, како и за очекувањата за оваа економска година.
Во 10:00 часот претседателот на Собранието, Талат Џафери ќе одржи средба со новоименуваната грузиска амбасадорка, Н.Е. Тамуна Лилуашвили, по што ќе одржи средба со пратеничката Љатифе Шиковска и претставници на НВО од заедницата на Ромите по повод одбележување 50 години од Меѓународниот ден на Ромите во 11:00 часот.
Собрание на Р. Северна Македонија во 12:00 часот продолжува со 32 седница, а во 13:00 часот ќе се одржи седница на собраниската Комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите.
Амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на ЕУ ќе ја отвори онлајн дебатата на тема „Предизвиците за родовата еднаквост во процесот на носење одлуки“ во 11:00 часот.
Во 13:00 часот ќе се одржи прес-конференција на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива.
Дел од најавите се од сервисот на МИА.
Редакцијата ги повикува граѓанските организации и други заинтересирани субјекти да ги испраќаат своите соопштенија, најави за настани и активности, секој ден, најдоцна во 8 часот наутро, за да се најдат во утринскиот преглед на најави на нашата медиумска платформа. Се разбира, прилозите пристигнати по тој термин, исто така, ќе бидат земени предвид за објавување.