Денеска и утре, ЦИВИЛ ќе одржи уште два бесплатни вебинари за граѓанско новинарство и медиумска писменост на 2 и 3 април (петок и сабота) со почеток во 13 часот. Вебинарите ќе траат до 16:30 часот. За учество на вебинарот, потребно е да се пополни онлајн АПЛИКАЦИЈА ЗА УЧЕСТВО.
Можност за учество имаат сите заинтересирани што сакаат да стекнат нови информации и вештини од областа на новинарството, медиумската писменост и начините на кои можат да се вклучат во работата на ЦИВИЛ.
Основи на новинарското известување, етика, лажни вести, хибридни закани и мониторинг на изборите и политичките процеси се дел од темите на вебинарот.
На програмата се презентации од Џабир Дерала, Сашо Орданоски, Петрит Сарачини, Зоран Иванов, Биљана Јордановска, Дехран Муратов, Билјана Арсовска, Ирена Крџиќ, Дијана Тахири. Одлична можност за дружење и ангажман!
Со почеток во 11:00 часот, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и командантот на бригадата, бригаден генерал Бесник Емини ќе присуствуваат на воената свеченост на припадниците на Првата пешадиска бригада (1.пбр) по повод Денот на единицата.
Во Скопје во 10:00 часпт институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС) во рамки на Програмата за парламентарна поддршка организира брифинг на кој ќе презентира анкета за работата на Собранието.
Во Скопје во 12:00 часот лекарска комора организира онлајн брифинг за новинари.
Со почеток во 17:00 часот со симболично трчање на Кејот на Вардар, денеска ќе се одбележи светскиот ден за подигнување на свесноста за аутизмот. Настанот е организиран од страна на Здружението „Сина светулка“ и „KoRЯunners“.
Втори април како светски ден за подигнување на свесноста за аутизмот се одбележува од 2008 година, на предлог на државата Катар со одлука на Генералното собрание на ООН. Од тогаш, во сите земји членки на овој ден се организираат настани кои имаат цел да го насочат вниманието кон нарушувањата од спектарот на аутизам и предизвиците со кои се соочуваат оваа група граѓани и нивните семејства.
По повод Меѓународниот ден за проверка на факти денеска ќе се одржи онлајн панел-дискусија на која ќе биде презентирн проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк” , во организација на „Метаморфозис“ и „Евротинк“ со поддршка од Европската Унија.
Новинарите и активистите низ целиот свет петти пат го одбележуваат Меѓународниот ден на проверка на фактите инициран од Меѓународната мрежа за проверка на факти, чија членка од Северна Македонија е Фондацијата „Метаморфозис“.
Меѓународниот ден за проверка на факти се одбележува од 2017 година од страна на Меѓународната мрежа за проверка на факти (International Fact-Checking Network) во соработка со над стотина организации низ целиот свет кои вршат проверка на факти. 2. Април е одбран како антипод на 1. април – денот на лагата.
Дел од најавите се од сервисот на МИА.
Редакцијата ги повикува граѓанските организации и други заинтересирани субјекти да ги испраќаат своите соопштенија, најави за настани и активности, секој ден, најдоцна во 8 часот наутро, за да се најдат во утринскиот преглед на најави на нашата медиумска платформа. Се разбира, прилозите пристигнати по тој термин, исто така, ќе бидат земени предвид за објавување.