Триесет и шест романи се пријавени на 20-тиот конкурс за наградата „Роман на годината 2018“, која ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Жири-комисијата во состав Фросина Пармаковска, Богомил Ѓузел, Сашо Прокопиев, Елизабета Баковска и Катерина Богоева, констатираше дека освен по обем, годинава романескната продукција се одликува и со несомнен квалитет.
Фондацијата ќе го соопшти годинашниот добитник најдоцна до 15 март. Жири-комисијата во овој период ќе направи неколку селекции на романите. Наградата е единствена и неделива и се состои од паричен износ од 150.000 денари, плакета и статуетка.
Извадоците од романите ќе се објавуваат на сајтот okno.mk, почнувајќи од 1 февруари.
А. П.