ВЕСТ НА ДЕНОТ
ЕУ ја потврдува одново својата безрезервна поддршка за европската перспектива на Западниот Балкан и ја поздравува посветеноста на партнерите од Западен Балкан на таа европска перспектива, којашто е во наш взаемен стратегиски интерес и останува наш заеднички стратегиски избор, се наведува во Декларација од денешниот Самит ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ во Словенија.
Во Декларацијата се нагласува дека партнерите на ЕУ од Западен Балкан уште еднаш ја истакнале својата посветеност на европските вредности и принципи и на спроведувањето на неопходните реформи во интерес на своите народи.
Учесниците на Самитот нагласуваат дека за регионот на Западен Балкан ЕУ во секој поглед е најблискиот партнер, основен инвеститор и главен донатор и затоа неспоредливиот размер и опфат на оваа поддршка мора да биде целосно признаен и пренесен од партнерите во нивната јавна дебата и комуникација.
Во рамките на агендата за учество на Самитот на ЕУ за Западен Балкан, претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев оствари заедничка средба со претседателот на Република Франција Емануел Макрон, канцеларката на СР Германија Ангела Меркел и претседателот на Република Бугарија Румен Радев.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Ќучук: Многу брзо е можен успех, ако Скопје и Софија продолжат со позитивната соработка
“Внатрешната политика може да го ограничи просторот за маневрирање во надворешната политика, кога станува збор за односите меѓу Скопје и Софија, но сепак се надевам дека билатералниот спор помеѓу Бугарија и Северна Македонија ќе биде решен што е можно поскоро, за да не се попречува целиот процес на проширување на ЕУ.“, изјави копретседателот на Алијансата на либералите и демократите за Европа (АЛДЕ), европратеникот Илхан Ќучук, на средбата со премиери и министри на земји членки и со претставници на Унијата, членови на АЛДЕ, пред почетокот на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ .
ИЗБОРЕН РАПОРТ #10
Војна на зборови, злоупотреби на службената положба, важни најави од ЦИВИЛ
Во десеттото издание на „Изборен рапорт“ на ЦИВИЛ, Џабир Дерала ги сподели најновите наоди и анализи на организацијата што произлегуваат од долгорочниот мониторинг на изборниот процес. Воедно, за јавноста, а особено за набљудувачите, соработниците и членството на организацијата, беа споделени неколку важни информации и најави.
ИЗБОРЕН МОНИТОРИНГ
АПЛИКАЦИИ Денеска ЦИВИЛ ќе им испрати одговори на сите заинтересирани за краткорочно изборно набљудување. Воедно, денеска организацијата ќе поднесе документација за акредитирање во Државната изборна комисија.
ОБУКИ Во текот на денот, организацијата ќе објави и датуми за обуките за изборните набљудувачи. Сите членови, поддржувачи, соработници и набљудувачи на ЦИВИЛ се повикуваат редовно да ги следат рубриките АКЦИЈА, ИЗБОРИ, МОНИТОРИНГ на www.civilmedia.mk за да се информираат навремено за сите активности во кои има простор за нивно учество.
ПРОДУКЦИЈА Тимот на ЦИВИЛ и Редакцијата ЦИВИЛ МЕДИА ќе имаат голем број средби и интервјуа со кандидатките и кандидатите на локалните избори.
ИЗВЕШТАЈ ОД МОНИТОРИНГОТ На 14 октомври ЦИВИЛ ќе одржи презентација на наодите и анализите од изборниот мониторинг за јавноста и за медиумите. За точното време и форматот на настанот деновиве ќе бидат објавени дополнителни информации.
АНГАЖМАН И СОРАБОТКА Отворен е повик за соработка и за ангажирање на новинар(к)и и асистент(к)и на проекти – до крајот на декември. Потребно е да се испрати биографија и мотивациско писмо на [email protected].
ФЛЕШ ВЕСТИ
СТОПАНСТВО Стопанската комора на Северна Македонија да го сублимира мислењето на компаниите, Регулаторната комисија за енергетика најенергично да ги санкционира сите снабдувачи кои неосновано, непрофесионално и бесправно ги откажуваат веќе склучените договори со компаниите, а Владата да изнајде начин да им помогне на фирмите во рамки на можностите.
Ова е заклучокот од вчерашната средба на владините претставници со раководството на Стопанската комора по предупредувањата за можен ценовен шок поради енормното покачување на цените на енергенсите на светските берзи.
ФИНАНСИИ Европската Унија ја стави Северна Македонија на „сива листа“ поради недоволно исполнување на даночните критериуми, во прашање се технолошко-индустриските развојни зони.
Од Министерството за финансии нагласуваат дека не постојат „бела“, „црна“ или „сива листа“. Република Северна Македонија е дел од земјите кои се на листата на кооперативни јурисдикции за даночни цели и во овој процес што го спроведува Советот на ЕУ е вклучена од 2017 година.
ЕКОНОМИЈА Светската банка (СБ) ја зголеми прогнозата за растот на БДП на Северна Македонија во 2021 година од 3,6 отсто на 4,6 отсто, благодарејќи на растот од 5,2 отсто во првото полугодие а по зголемената приватна потрошувачка, напливот од инвестиции и зголемената владина побарувачка во второто тримесечје.
МУЛТИКУЛТУРА Во 23 средни училишта на Град Скопје деновиве ќе започне реализацијата на третиот циклус тримесечни онлајн курсеви за изучување на албанскиот, македонскиот и турскиот јазик. Курсевите се наменети за ученици и наставници, а истите се дел од проектот „Зборувам на јазикот на мојот другар“ предвиден во Стратегијата на Град Скопје за меѓуетничка интеграција и граѓанска вклученост и во Програмата за активности на Град Скопје од областа на образованието за 2021 година.
ОБРАЗОВАНИЕ Министерката за образование и наука Мила Царовска во Љубљана учествува на регионална министерска конференција „Ново размислување за економски раст“ организирана од меѓународниот Центар за извонредност во финансиите, во рамки на проектот финансиран од ЕУ „Зајакнување на капацитетите на министерствата за проценка на фискалните импликации од структурните реформи“.
ПОЛИТИЧКИ ОКЕЈ КОРАЛ
Кампањата за локални сè повеќе наликува на битка за парламентарни избори
Десетти ден од изборната кампања за локални избори, меѓутоа ветувањата и програмите што се презентираат на партиските собири/митинзи се повеќе наликуваат дека се води кампања за парламентарни избори. Опозицијата ниту не крие дека веднаш по локалните избори, уште првиот ден ќе бараат предвремени парламентарни избори. Лидерот на СДСМ, ветува од следната година дека државата ќе ги плати придонесите за секој млад човек што ќе тргне на работа, односно ќе биде нововработен…
ИНТЕРВЈУ
Во емисијата ДИСТРИКТ на ЦИВИЛ Медиа интервју на Зоран Иванов со проф. д-р Трајан Гоцевски, член на Советот за безбедност на Претседателот на Република Северна Македонија.
СЛОБОДНА ЗОНА
„По неколку пасажи од римските времиња и анегдоти од создавањето на Левица, Апасиев во „најдобриот говор во историјата на локалните избори“ ја испрати главната порака од митингот (што ќе се забрани, веднаш по неговото доаѓање на власт): „Hо конечно дојде времето кога ни се плашат – и треба да ни се плашат, бидејќи ќе бидеме сурови, безмилосни кон нивните криминали и нивните предавства. Бидејќи Левица не простува и Левица не ги заборава сите овие зулуми коишто ни ги направија.“, Сашо Орданоски во колумната „Конечно дојде времето да му се плашиме на Апасиев!“.
„Како граѓани сакаме да слушнеме ветување кое нам ни одговара, а не она што навистина е реално остварливо. Не бараме одговори за конкретни предлози од кандидатите за да не се замериме однапред. Покомотна ни е позицијата на удирање на раце на митинзите за да после неколку месеци ја почнеме нашата позната одбранбена политика на постојано незадоволство – „ете го подржавме, а тој ништо не направи“. Овде често ги мешаме заедничкиот интерес со личните очекувања околу некој пред сѐ личен проблем. Како во Фукојамината колективна психологија „испорачуваме надежи за да имаме за што да бидеме изневерени“, Војо Маневски во колумната „Зелени или позеленети“.
Д. Тахири