Владата на Северна Македонија донесе неколку одлуки за пожарите што ќе важат и за беровско-пехчевскиот регион и во Старо Нагоричане каде, иако пожарот беше угаснат, со засилување на ветерот повторно се појави. Премиерот Зоран Заев, кој од утрово е во беровскиот регион, очекува денес или најдоцна до утре пожарот кај Будинарци да биде угаснат.
“Сепак тлеат, боровите шуми се опасни, смолата си го прави своето. Важно е граѓаните да знаат дека ги регулиравме сите оние детали околу обезбедување и рационално распоредување на силите, мораме и овие пожарникарите наши, војската, полицијата, шумските професионалци кои работат да направиме рационален распоред, поради тоа што летото е секако пред нас”, изјави Заев за МИА.
Тој додаде дека се регулирани и сите одлуки околу прелетите на странските воздухоплови.
“Донесени се одлуки за користење на нашето небо, нормално за да не се плаќа, регулирани се постапките, за како да се плаќа таксата околу ТАВ аеродромот, донесена е одлука за соодветните резерви да се обезбедат околу керозинот и во гориво во нафта и другите ресурси, дополнително по проценка и на Штабот на ЦУК за одредени алатки коишто мораат навремено да бидат обезбедени, а се потрошени овие денови и слични други одлуки што се важни” изјави Заев.
Тој порача, сите да бидат целосно фокусирани на она што се случува и нагласи дека Берово останува место каде е најголемиот пожар во државата што, според него, не значи дека до крајот на денот може да настане и друг поголем пожар.
“Температурите, исто така, се високи. Да се надеваме дека ветрот ќе намали затоа што ветрот е предизвикувач на масовноста на опожарувањето на шумите. Со целокупниот распоред на сите наши сили потпомогнати од странците кои се овде, уште еднаш кога ги спомнуваме упатуваме благодарност до Австријците, до Словенците, до Бугарите, до Србите, до сите кои ни помагаат, денеска ќе прават тури, интервенции и романските авиони, се очекува и вториот авион денеска да стигне, вчера интервенираше и првиот воздухоплов од Романија, секако се работи за професионалци луѓе кои верувам дека ќе бидат од огромна помош”, додаде Заев.
“Дефинитивно е месец на пожарите, денес е ,,Св.Петка”, јас сум православен верник нека од биде од помош на сите граѓани, но и на сите кои ни помагаат околу овие ризици и, да се надеваме, дека се повеќе и повеќе ќе бидат ставени под контрола сите пожари во државата “, рече Заев.
Во контекст на неговата изјавата, директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, додаде сека Главниот штаб на ЦУК има извонредна комуникација со Владата.
“По наше барање, Владата одржа итна седница, работите што ги кажа премиерот беа веднаш обезбедени, потребните одлуки беа донесени. Јас како раководител на тој Главен штаб и на целата оваа кризна состојба сум во постојана комуникација со премиерот и на мене ми е сеедно дали премиерот е овде во Скопје или на кое било друго место. Од првиот пожар досега сме во постојана комуникација и секогаш кога имало потреба премиерот да се ангажира, во одредена работа сум можел да го добијам во истиот момент, рече Ангелов
Ангелов брифираше и за моменталната ситуација со пожарите во државата и истакна дека во моментот има пожари во Прилеп кај с. Дрен и с. Смолани, ставени под контрола и се догасуваат. Исто така, има пожар во Велес кај с. Џимирци, но којшто се префрла кај Скопскиот регион во с. Круш и с. Дивје и е покомплициран, бидејки се работи за непристапен терен. Во Скопје гори кај Сарај, а реактивиран е пожарот кај Раовиќ и с. Буковиќ. Тој истакна дека верува дека денес ќе биде ставен под контрола и кажа дека повторно има пожар во Старо Нагоричане и тоа кај Љубино и Дренак, којшто повторно се активирани.
Состојбата како што додаде, е целосно под контрола освен во Беровско за кој нагласи дека е важно да се каже дека на ниту едно место, нити еден човек не е загрозен поради што апелираше пред сѐ да се внимава на човечките животи, бидејки пожарите ќе се изгаснат.
Градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски, потврди дека нема повредени во пожарот во Беровско и информираше дека синоќа заседавал Општинскиот кризен штаб на кој се донесени понатамошни одлуки за координирано дејствување со помагателите од повеќе земји кои го гаснат пожарот во Беровско.