Преку сеопфатни политики и мулти-институционален пристап градиме инклузивно општество во кое лицата со попреченост имаат еднаков пристап за напредок и развој, порача премиерот Зоран Заев преку објава на неговата официјална Фејсбук страница.
„Оваа година го одбележуваме 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост со позитивни промени, како резултат на спроведувањето на најдобрите светски практики за поддршка и вклучување на лицата со попреченост во нивното секојдневие, во здравството, образованието и социјалната заштита. И не само денес, инклузијата на овие лица во општеството е процес на којшто сме посветени секој ден од годината. Тие се дел од нашето секојдневно живеење, наши пријатели и роднини“, пишува во објавата на Заев.
Според премиерот Заев, овие наши сограѓани најмногу од сè бараат еднаквост, самостојно живеење и функционирање во општеството и затоа врвен приоритет на Владата е инклузијата на лицата со попреченост во сите општествени текови. Тоа е особено важно кога станува збор за животот на овие лица во актуелниот миг на пандемијата со КОВИД-19 и за нивната транзиција без стрес во пост-ковид периодот, пишува тој.
Во однос на постигнувањата, премиерот Заев ги истакнува намалувањето на границата за лична асистенција, изработката на апликацијата Аудио-читач, која на слепите и на лицата со оштетен вид им овозможува пишаниот текст да го слушнат и разберат во аудио верзија на свој мајчин јазик, отворањето на 15 нови инклузивни детски градинки, а за оние кои се грижат за своите најблиски – лица со попреченост, државата ја надополнува втората половина од платата доколку работат со скратено работно време, а за оние над 64 години возраст се обезбедува вид на пензија за да имаат економска сигурност.
„Во афирмирањето на автентичниот концепт „Едно општество за сите“, Владата и понатаму останува посветена да предничи и да ги промовира и штити правата на лицата со попреченост во областите како што се: еднаквост и недискриминација, слобода на движење, самостојно живеење, образование, пристап до стоки и услуги, вработување, правна поддршка и пристап до правда, здравство, и правото на политичко учество во сите процеси од стратешка важност за нашата држава“, пишува премиерот Заев на Фејсбук по повод 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост.
Ц.Д