Од Министерството за култура соопштија дека се одржала средба меѓу премиерот Зоран Заев и министерот за култура Асаф Адеми на која се разговарало за резултатите од годишните конкурси на министерството.
„Во согласност со досегашните јавно искажани ставови и насоки од премиерот Заев и од министерот Адеми по реакциите и искажаното незадоволство од дел од јавноста, на средбата беше усогласен ставот комисиите по дејности да ги преиспитаат одбиените пријави и, во согласност со Законот за општата управна постапка, на субјектите кои доставиле пријави на годишните конкурси да им се даде можност во соодветен рок да достават дополнителни појаснувања и документација за пријавите кои имале формални недостатоци.
Дополнително појаснување на доставената пријава може да се побара само за проектите за кои стручната комисија оценила дека се во функција на развој, афирмација и промоција на културата во Република Северна Македонија и кои имаат предуслови да бидат избрани за проекти од национален интерес во културата за 2019 година“, се вели во нивното соопштение.
Решението е резултат на слушнатите ставови на културните работници со најава дека дијалогот со културната фела ќе продолжи со цел унапредување на меѓусебното разбирање и поддршка на развојот на културата во државава.
Адеми ќе ги покани сите апликанти кои имаа забелешки на состаноци во министерството со цел да се дефинираат чекори со кои во иднина би се избегнале недоразбирања или недостатоци при јавните конкурси.
„Во Министерството за култура веќе во поодмината фаза е постапката за изготвување на новиот закон за остварување на јавниот интерес во културата, по чиј предлог-текст досега имаше две јавни расправи. Укажуваме дека со новиот закон ќе се унапредат начините на поддршка на проектите во културата, за што и Министерството и сите чинители во оваа сфера се согласни дека актуелната норматива не ги задоволува потребите на современото време. Со донесување на новиот закон, чиј предлог-текст е сè уште отворен за сугестии од сите засегнати страни, уверуваме дека ресорот култура во иднина ќе ги добие потребните системски решенија за кои се залага голем дел од јавноста во културата“, велат во сооптешнието.