Три возила синоќа биле опожарени во Куманово, соопштија денеска од Регионалниот центар за управување со кризи и од територијалната противпожарна единица Куманово. Според информациите, пожарникарите интервенирале на две возила на улицата „Трст“ и на уште едно на улицата „Никола Вапцаров“, со по една екипа.
На пожарот на фотокопирницата, пожарникарите интервенрирале од 03:15 до 04 часот, на двата автомобили на улицата „Трст“ од 03:25 до 04:20 часот, последната интервенција е од 05:40 до 06:15 часот.
Во дневниот билтен на РЦУК Куманово се наведува дека пожарникарите синоќа има уште две интервенции на опожарена фотокопирница на улицата „11 Октомври“ и на опожарена фасада од куќа на улицата „Никола Вапцаров“
Од ДУИ велат дека тешките настани што се случија синоќа во Куманово, каде изгореа неколку автомобили и продавница на Албанци, се горчлив доказ за духот на омраза и меѓуетничките поделби што ги создаде оваа нелегитимна власт. Ова повеќе не е само неодговорност или неуспех – ова е опасна криза која секој ден се влошува.
„Кога владата не успева да ја гарантира безбедноста на своите граѓани и кога институциите молчат пред ваквите дела од омраза, пораката што се испраќа е јасна: Албанците во оваа земја се препуштени сами на себе. Овој пристап не само што е дискриминаторски, туку и длабоко дестабилизирачки за целото општество“, велат од ДУИ.
Демократската унија за интеграција повикува на итна интервенција на меѓународниот фактор. Јасно е кажано дека не можеме да очекуваме правда или одговорност од оваа слепа и еднострана власт. Само меѓународниот притисок може да ја запре оваа опасна спирала на насилство и омраза, која ги загрозува мирот и стабилноста во земјата.
„Бараме овие напади веднаш да се истражат и сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата. Секој ден одложување е покана до оние кои шират омраза да продолжат со своите срамни дела. Албанците повеќе нема да молчат пред оваа неправда и ќе ги искористиме сите демократски средства за заштита на правата и достоинството на нашите граѓани. ДУИ ќе продолжи да биде гласот на Албанците и бранител на мирот и стабилноста во оваа земја. Но, јасно е дека оваа борба за правда и еднаквост не може да продолжи сама. Меѓународниот фактор мора да реагира сега, пред оваа омраза да добие уште поопасни размери“, велат од ДУИ.
Д.М.
Фото: ДУИ