ВЕСТ НА ДЕНОТ
СОНК денеска го започна штрајкот во градинките, основните и средните училишта
Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) денеска го почна штрајкот во сите установи на национално ниво во дејностите детска заштита – градинки и во основните и средните училишта, со неизвршување на работните задачи на работното место, што според најавите ќе трае се додека не се изнајде соодветно прифатливо решение за двете страни.
„Го почитувам синдикалното право на штрајк, но тој треба да биде последен чекор. Социјалниот дијалог ќе продолжи со СОНК за набргу да се најде решение“, изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири и најави дека денеска или утре ќе закажат средба со синдикатот.
Министерството за труд и социјална политика информира дека утрово утрово започна најавениот штрајк во јавните предучилишни установи за деца- детски градинки, и дека згрижувачко-воспитната дејност во предучилишните установи непречено се одвива и во време на штрајк.
Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) вели дека според нивните сознанија се штрајкува во сите основни и средни училишта и во градинките, а и тие што не се членови на СОНК масовно се вклучуваат во штрајкот. Претседателот на СОНК Јаким Неделков денеска на прес-конференција кажа дека околу 25 илјади вработени во училиштата и градинките се вклучиле во штрајкот, а минорен е бројот и не е повеќе од илјада на тие што не учествуваат.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Украинскиот претседател Володомир Зеленски во 60 минутно интервју за CBS говори за тоа како светот ја разбира војната и дали Обединетиот Запад би можел да ја спречи.
И, исто така, за вредностите што ги штитиме, доказите за воените злосторства на окупаторите и потребата да и се помогне на Украина со оружје, објави украинскиот претседател Зеленски на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер.
-Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на ОН (ОХХР) соопшти дека од почетокот на руската инвазија врз Украина се убиени 1.793 цивили, а 2.439 се повредени. Меѓу убиените има 458 мажи, 294 жени, 27 девојчиња и 46 момчиња, како и 69 деца и 899 возрасни чиј пол сè уште не е познат.
Меѓу повредените има 279 мажи, 213 жени, 47 девојчиња и 46 момчиња, како и 136 деца и 1.718 возрасни чиј пол сè уште не е познат.
-Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ги повика странските медиуми и политичари да не потпаѓаат на руската кампања за дезинформации, чија цел е да ги поткопа испораките на оружје за Украина, објави украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на Твитер.
-Украинци ќе ги напуштат опколените источни региони, откако за денеска се договорени девет хуманитарни коридори од украински и руски официјални лица.
Рутите ќе се користат за евакуација на луѓе од Мариупол, како и други југоисточни градови до Запорожје, но и за жители од регионот Луганск до Бахмут.
Знаци на воени злосторства, политичка репресија и геноцид се забележани во акциите на руската армија на територијата на Украина. Покрај разурнувањето и убивањето, руските агресори од градовите во Украина кои се под руска окупација киднапираат цивили, деца, новинари, градоначалници.
Според најновите информации до кои дојде ЦИВИЛ, руските агресори досега киднапирале 12 градоначалници од окупираните украински градови, на кои им се губи секоја трага.
ФЛЕШ ВЕСТИ
АРМ Денеска на полигонот „Криволак“ заврши вежбата „Блесок 22“ со демонстрација на тактичка вежба на Денот за високи гости.
Лесниот пешадиски баталјон, кој е составен дел на Првата пешадиска бригада е борбено способен да ја извршува својата мисија, е оценката која ја доби армиската единица што ја реализираше вежбата.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска во своето обраќање пред заменикот на претседателот на Собранието, Горан Мисовски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски и военото раководство истакна дека способностите на Армијата не се само зборови на хартија, туку вештини на дело.
ЕКОНОМИЈА За амортизирање на ценовните шокови предизвикани од пандемијата и воениот конфликт во Украина, Владата на Република Северна Македонија, издвои речиси 615 милиони евра. Минатата година преземени се мерки за амортизирање на порастот на цените, а годинава дополнително е донесен сет од 26 мерки за поддршка на стандардот на граѓаните и фирмите, но и за финансиска поддршка на фирмите преку Развојната банка, соопштуваат од Владата.
ПРАВДА Обвинетиот во случајот со сообраќајната несреќа кај „Сити мол“, Јордан Ѓорѓиев, од Основниот Кривичен суд – Скопје денеска беше осуден на казна затвор од три години.
СУДЕЊЕ Со изведување на докази од Обвинителството, во Основниот кривичен суд – Скопје денеска продолжуца судењето за случајот „Софтвери” во кој првообвинет е поранешниот генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија, Драги Рашковски.
ДИСТРИКТ
Во Дистрикт на Цивил Прес Студио, интервју на Зоран Иванов со Благојче Атанасовски – јавна личност, колумнист, полемичар, историчар, политиколог зборува за неприродната државна сегашност и излезната перспективна проекција на Република Северна Македонија како и за домашната актуелна политичка ситуација, власта и опозицијата, евро блокадата, руската агресијата и за уште по нешто.
МУЛТИКУЛТУРА
Петрунова: Дрвото кога пружа сенка, таа е еднаква за сите
Ива Петрунова, магистер, инженер архитект, урбан социолог, доктор на општествени науки за ЦИВИЛ Медиа говори за мултикултурата од аспект на урбаното живеење.
Максути: Да се најде алтернатива за да се спречи одливот на мозоци од земјава
Мерита Максути, архитектка, активистка за човекови права за ЦИВИЛ Медиа говори за клучните работи што се потребни за едно напредно општество.
СЛОБОДНА ЗОНА

„Војната, која избувна во Југославија во 1991 година, првенствено во Словенија и Хрватска, а која доведе до распадот на Југославија, не беше спонтан инцидент. Во Србија, опцијата за војна беше избрана прилично рано за да се присвои што е можно повеќе „српска“ земја од банкротираниот имот. Секаде каде што живееа Срби, дури и како малцинство, беше Србија. Голема Србија, земја за „небескиот народ“ беше целта. Текот на борбите во Словенија и Хрватска во 1991 година можеби беше доста непланиран и хаотичен.“, прочитајте во анализата Босна „модел“ за Украина од Гудрун Штајнакер, поранешна германска дипломатка.

„На едната страна се лажни патриоти кои ги манипулираат своите следбеници во служба на центри на моќта што ништо добро не ѝ мислат на македонската држава. На спротивната страна се „шарените“, сите граѓанки и граѓани кои сакаат да живеат во општество во кое има еднаквост, правда и слобода. На едната страна се тие што сакаат власт по секоја цена за да продолжат со ограбување и со садистичко, мафијашко владеење. На другата страна се оние што прават разлика и мислат со своја глава, гласно критикуваат и учествуваат во промените.“, пишува Џабир Дерала во колумната Зошто лажните патриоти не можат ништо да научат од „шарените“?.

„Нешто мора да е гнило во оваа држава Данска штом тројца последователни генерални секретари на владите се наоѓаат во ситуација да се бранат од обвиненија за сторени кривични дела поврзани со нивното службување. Во принцип, генералните владини секретари се „гејт-киперите“ на оперативното и правно функционирање на владите и нивните највисоки административни службеници.“, пишува Сашо Орданоски во колумната Нешто е гнило, но нешто е и заздравено во оваа држава Данска.
Д. Тахири












