ВЕСТ НА ДЕНОТ
Започнува дводневниот самит на иницијативата „Отворен Балкан“
Во Охрид денеска започнува дводневниот самит на иницијативата Отворен Балкан на кој ќе учествуваат премиерите на Албанија и Северна Македонија, Еди Рама и Дмитар Ковачевски и претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Учество на самитот најавија и премиерот на Црна Гора Дритан Абазовиќ, претседавачот со Советот на министри на БиХ Зоран Тегелтија и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Ковачевски: На мое големо задоволство на овој самит гости ни се и Црна Гора и Босна и Херцеговина кои верувам дека во иднина ќе станат дел од оваа успешна иницијатива. Денес започнува Самитот на Отворен Балкан на кој склучуваме нови соработки во областа на туризмот, културата, образованието и царинскиот проток. Сите тие се од огромно значење за компаниите и граѓаните од регионот. Со секоја нова средба на членките и пријателите на Отворен Балкан обезбедуваме посилна соработка, олеснета комуникација и подобри услови за развој на економијата, напиша Ковачевски.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Вкупно 263 деца се убиени, а над 467 се повредени во Украина од почетокот на руската инвазија, објави Украинското Јавно обвинителство на Телеграм, јавува дописникот на Укринформ. „Од 7 јуни 2022 година, над 730 деца во Украина беа погодени од руската вооружена агресија. Според податоците на обвинителите за малолетници, загинале 263 деца, а над 467 се повредени“, се наведува во извештајот.
„Рускиот напад во правците Новохтирка и Воронове беше одбиен. Во областа Билохоривка, непријателот користи диверзантски и разузнавачки групи“, објави на Телеграм шефот на регионалната воена управа на Луганск, Серхиј Хајдаи. Десет непријателски напади беа одбиени на исток во изминатите 24 часа со уништени еден непријателски тенк, три артилериски системи, две оклопни возила, едно возило и две складишта за муниција, потсети тој. Единиците за воздушна одбрана на Украина соборија две беспилотни летала Орлан-10.
Телата на загинатите украински војници, кои беа убиени во акција во челичарницата Азовстал со седиште во Мариупол, се пренесени во главниот град Киев, соопшти Центарот за стратешки комуникации и безбедност на информации на Фејсбук, повикувајќи се на Здружението на семејствата на бранителите на Азовстал, јавува дописникот на Укринформ.
Вкупно земени, овие извештаи сугерираат дека украинскиот поморски притисок и противбродските проектили – веројатно вклучувајќи ги и оние обезбедени од Обединетото Кралство и други држави, ја принудиле руската групација во северозападното Црно Море повеќе да се потпира на крајбрежната и противвоздушната одбрана бидејќи тие се оттурнати од украинскиот брег. Украина најверојатно ќе се обиде да ги искористи овие успеси за да го ублажи економскиот притисок од руската блокада на пристаништата во Украина и да побара дополнителна економска поддршка од западот, вклучително и евентуално отворање нови патишта за меѓународна помош за Украина.
За да не се намали вниманието кон Украина, да не се намали нашата борба за слобода, секој мора да продолжи да зборува за тоа што се случува. Ве молиме споделете информации. Поддржете ги нашите потреби. Се разбира, тоа пред се се однесува на новинарите. И денес, патем, сакам да им посакам да не се заклучуваат на нашиот внатрешен украински контекст. Колку повеќе зборуваме за Украина во светот, толку побрзо ќе можеме да ја завршиме војната и да ја ослободиме нашата земја, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во синоќешното видео обраќање.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ОТВОРЕН БАЛКАН Претседавачот на Советот на министри Зоран Тегелтија, кој денеска и утре ќе учествува на дводневниот Самит Отворен Балкан во Охрид, побара од Претседателството на БиХ да размисли и да се согласи за пристапување на БиХ во регионалната иницијатива, пренесува Еуроњуз.рс.
Тегелтија во пресрет на заминувањето за Охрид испрати писмо до Претседателството на БиХ во кое покрај информациите за заминување во Охрид бара да се разгледа и да се даде согласност за пристапување на БиХ во иницијативата Отворен Балкан.од оваа регионална иницијатива.
ИНТЕГРАЦИИ За нас нема алтернатива, освен еден ден овој регион да стане дел од Европската Унија, нагласи денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со шефот на турската дипломатија Мевљут Чавушоглу. Османи потенцира дека земјава ќе продолжи со напорите за надминување на разликите со Бугарија, но и за исполнување на критериумите за членство во ЕУ.
ОБРАЗОВАНИЕ Повисоки плати за 15 отсто за вработените во основно и во средно образование ќе има од септември, како што е договорено со Самостојниот синдикат за образование и наука (СОНК). Тоа е предвидено во ребалансот на Буџетот, што треба да биде усвоен во Собранието, изјави денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири
ПРЕГОВОРИФранцускиот претседател Емануел Макрон, по синоќешните телефонски разговори со бугарскиот претеседател Румен Радев и со македонскиот премиер Домитар Ковачевски, соопшти дека е подготвен да ги пречека во Париз „кога ќе дојде време“ властите на Бугарија и Северна Македонија со цел да се склучи билатерален договор што ќе овозможи отворање на преговорите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ.
ЕВРОСКЕПТИЦИЗАМ Бугарија е најевроскептичната земја во Централна и Источна Европа, со 70 отсто од граѓаните за останување во ЕУ и 23 отсто за напуштање на блокот (зголемување од 6 процентни поени во споредба со 2021 година). Дури 20 проценти од Бугарите веруваат дека ЕУ е закана за нивниот идентитет и вредности.Земја со најголема поддршка за ЕУ е Литванија со 88 отсто. Ова го покажуваат податоците на ГЛОБСЕК, глобален тинк-тенк со седиште во Братислава.
ЗАБРАНЕТ ПРЕЛЕТ Во врска со одлуката на Црна Гора, Бугарија и Северна Македонија да не го дозволат прелетот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за Белград, Стејт департментот денеска соопшти дека тие како суверени држави „донесоа суверени одлуки за воздушниот простор, што ја одразува решеноста на Европа да ја повика Русија на одговорност поради инвазијата на Украина“,
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Најжешките теми на агендата на ЦИВИЛ денеска во Куманово и Свети Николе
Дезинформациите и пропагандата, меѓуетничките односи и изборните процеси се меѓу темите со кои ЦИВИЛ најактивно се занимава во 2022 година и на кои ќе стане збор на денешната средба со градоначалникот, медиумите, невладините организации и со граѓанките и граѓаните во Куманово и Свети Николе.
Д.Мишев












