Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со министерот без ресор задолжен за странски инвестиции, Аднан Ќахил и советникот за економија и финансии, Фатмир Бесими одржаа работен состанок со седумдесетина компании членки на Стопанска комора Македонија – Турција, МАТТО.
Заев ги потврди силните заложби на Владата на Република Македонија да ја интензивира економската соработка со Република Турција и посочи дека токму ваквиот тип на средби се во правец на остварување на тие заложби.
Во рамки на работната средба беа споделени размислувања, идеи и препораки од страна на бизнис заедницатa
„Импресионирани од мотивацијата којашто ја добивме од неодамнешната посета на Турција, наша заедничка должност е да разработиме конкретни проекти и активности кои за деловната заедница ќе значат бизнис и повеќе профит, за Република Македонија нови работни места, зголемување на БДП и севкупниот извоз“, порача премиерот Заев.
Заев, исто така, информираше за можностите што ги отвора Планот за економски раст и законското решение коешто помина на владина седница и изрази силни очекувања дека стопанствениците ќе ги пронајдат своите можности за инвестирање преку поддршката што ја овозможува овој план и ќе преземат храбри чекори за нови инвестиции во Македонија.
ЦМ