Премиерот Зоран Заев се сретна со новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Според соопштението на Владата, средбата се оценува како „конструктивен дијалог, иако за некои од темите се изразени различни мислења и ставови на двајцата соговорници“. Заев и Мицкоски се согласија дека е потребно учество на опозицијата во реформските процеси.
Од друга страна, Мицкоски потенцираше дека е непоправилив оптимист и ветува дека ќе работи во интерес на граѓаните.
„Отворивме прашања на неколку актуелни теми што се случуваат во државата. Нормално, за неколку од темите имавме различни мислења и различни аргументи. Ги аргументиравме своите позиции и јас и господинот Заев. Во овој момент е добро да се отвори еден ваков процес, добро е да се дискутира. Она што е во интерес на граѓаните и Република Македонија не треба да претставува табу-тема ниту за опозицијата, но повторно ќе кажам тоа го напоменав во многу наврати, дека конструктивноста не е само во едната насока, конструктивноста мора да биде двонасочна улица. Во тој дух ќе продолжиме и во периодот кој што следува, јас тука немам никаква дилема. Се разбира, ние сме претседатели на различни политички опции, на различни политики, логично е да имаме различни ставови по многу прашања“, изјави Мицкоски.
На заедничката средба е констатирано и дека патот на Македонија е во ЕУ и во НАТО, а за тоа е потребен ангажман од сите политички субјекти, како на власта, така и на опозицијата.
Мицкоски истакна дека дополнително ќе се одлучува дали пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе се вратат во Собранието. Тој ќе одржи состанок со пратеничката група за заедно да одлучат за следните чекори на ВМРО-ДПМНЕ.
Д.М.