На половина од средбата, претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски одржа куса прес-конференција на која ги образложи двете точки на средбата.
„Има две точки за разговор на оваа средба. Првата се однесува на неодамнешните заклучоци на Европскиот совет и побарав од сите учесници на оваа средба да го реафирмираат ставот. А втората точка се однесува на можностите за предвремени избори“, изјави Пендаровски.
Пендаровски истакна дека лидерите се едногласни за продолжување на интеграцијата во ЕУ.
„Имаме јасен државен консезус дека стојат зад идејата РСМ што е можно поскоро да ги започне преговорите и да стане рамноправна членка на Европската Унија. Сите лидери стојат на тоа дека немаме проблем со новата методологија. И сите лидери кажаа не на каква било алтернатива на ЕУ интеграциите. Иако немаме конкретна понуда, но имаше такви информации за да не стават во некое соседство. Сите едногласно се против ваквата идеја“, рече Пендаровски.
Тој додаде дека мора да постои конесзус меѓу власта и опозицијата и дека е задоволен што сите присутни се обврзале да работата на што поскоро приклучување на земјата кон Европската Унија.
По првиот дел и прес-конференцијата, започнува вториот дел од лидерската на која ќе се зборува за можноста од предвремени парламентарни избори.
М. Ивановска/А. Зеќири