ВОЈО МАНЕВСКИ
Истече и оваа година, а се мачам да ја крстам некако, пред да се збогуваме со неа. Конкуренцијата во негативни предзнаци навистина е голема и тешко е да се избере. На крајот од годината, како да исплива и потврдата дека Македонија е библиска земја. Во библијата има една приказна за таткото кој го дочекал својот син кој одамна се изгубил. Приредил богата вечера а на прашањето на помалиот син, кој цело време бил до него, зошто за него никогаш не приготвил таков оброк, му одговорил: „Тој беше изгубен досега и сега се враќа во мојот живот и затоа треба да се одбележи богато неговото враќање, а ти си овде и со тебе секој ден ја делам љубовта, додека тој беше далеку за неа да ја добива“.
Библиските приказни се збир на мудрости и пораки до внимателните читатели и слушатели. Но како што бог не створил површни во многу работи, така и ова библиска мудрост си ја разбираме на наш начин. Почнаа да ни се јавуваат во јавноста ликови за кои мислевме дека се заминати од видокругот и кои доскоро ги оценувавме со негативни предзнаци. Сега сме спремни да ги дочекаме со богати гозби, без да прашаме каде биле до сега. Или сме грешеле кога тие си заминувале или грешиме сега, а библиската мудрост секако не сме ја разбрале.
Транзициските вредности никако да заминат. Но и тоа е доказ за нашата долга историја на еволутивност. Кај нас револуциите се реткост. А можеби и подобро што е така, зашто после секоја револуција остануваат скршени парчиња за кои треба специјален лепак и многу стрпливост. Мислам дека оценките за изминатата година ќе бидат предмет на анализа на многумина попаметни од мене и затоа тоа нека го прават тие.
Во новата година ќе зачекориме со низа неизвесности на сите планови. Она што е сигурно е дека ни останува надежта дека и од нив ќе испливаме некако. А има надеж, зошто полека и споровозечки свативме дека вака понатаму нема да можеме да опстоиме. Ова не го засновувам врз анализите на низа автори од јавната сцена, туку од разговорот што секојдневно се води меѓу обичните мои сограѓани, што сега гласно разговараат за состојбите.
Се повеќе меѓу нив преовладува мислењето дека партизацијата на институциите носи негативни последици, иако до вчера се зборуваше за наши и нивни, за нашиот начин на живеење со максимата „мој Стојанче да си дојде“. Сега повеќето сфаќаат дека тоа прескапо нè чини. Најчесто се дебатира за цената на струјата и причините за нејзиното поскапување. Се коментираат платите во овие јавни претпријатија и нивната превработеност, неодговорноста пред граѓаните на партиски поставените менаџменти и слабите резултати.
Сега веќе сфаќаме дека платите ги исплаќаат од нашите џебови, а не од некакави си неразбирливи извори со компликувани имиња. Изненаден сум од разбирањето на граѓаните за буџетите и за намената на парите. Вчера имав среќа да слушнам коментар од еден мој сограѓанин кој едноставно ја искоментира ставката од локалниот буџет која е определена за плати на администрацијата на локално ниво.
„Една третина ако оди за плати и работа на чиновниците, очекувајте дека нема да има пари за нов водовод или почиста средина“.
Едноставно и тоа без големи анализи. Од тоа, како ќе се справи новата локлна власт со предизвиците на овој план ќе зависат и резултатите на следните избори од било кое ниво да се. Повторно едноставно и јасно. Граѓаните бараат не само нови лица, туку и нови системи на работа и одговорност.
Мојот пријател Џабир е со став дека нè чека година со многу искушенија. Така е, но кога било поинаку? Не треба само да ја испратиме старата година и да ја заборавиме, туку да запаметиме нешто од неа и премрежијата низ кои поминавме. Социјалните мрежи се како првобитно општество на рамноправност меѓу учесниците со сите нивни добри и лоши карактеристики. Допрва ќе ја почувствуваме силата на мислењата на обичните луѓе. Влијание врз нив можат да имаат само издржани аргументи и високиот авторитет на интелектуалната елита. Провинцијалската потреба за дипломи и статуси со сомнителна природа веќе е на одминување.
Дојде време на олимписката изрека Hic Rhodus, hic salta. Кога тоа време ќе биде во полна сила, зависи само од свеста на граѓаните или од нуждата во која се ноаѓаат. Светските теории на заговор или големите геостратешки потези се добри за кафански разговори или добра замена за читање книги од Реј Бредбери, малите работи се на дневен ред, а тие за нас се големи.
Мојот оптимизам и надеж не го засновувам врз математички анализи, туку врз сознанието дека сме доведени до работ на издржливост и мора нешто да се преземе. Има некои показатели дека мора да се ангажираат сите расположливи сили и знаења за излез од кризата и тоа е за поддршка. Луксуз за малодушност и апатија немаме.
Ај да оставиме со анализите за идната година, во нејзиното време. Таа сè уште не добила мандат, од сабота почнува нејзиното време за броење.
Затоа за сфаќањето за неминовноста на текот на времето повторно ќе ви раскажам за еден лик од моето Ново Село.
Дедо Мише беше сведок на случувањата низ цел еден век. Господ го поживеа сто и шест години. Иако снагата полека го напушташе, ведриот дух го следеше до крајот на животот. Често го прашувавме за бројот на годините пресметувајќи ги случките низ историјата на кој бил сведок.
Неговиот коментар најчесто беше: „Одамна тоа беше, сум подзаборавил како сè се случи“. Кога се обидуваме да му посакаме долг живот со реченицата – ај уште толку па после види што ќе правиш, мудро одговараше: „Деца и така да е, и тие ќе поминат“.
На крајот, да ја испратам оваа веќе скроз истрошена година и да ѝ ветам дека и да сакам не можам да ја заборавам, туку ќе ја ставам само во бројката на изминати години. Нејзиниот отсјај нема да го заборавам, зашто тоа не е за заборав.