За три дена започнува фестивалот „Здраво млади“, а дел од програмата ќе биде и детска работилница за гитара со музичарот Скот Меклауд (Scott McCloud) од култниот американски бенд Girls Against Boys. Работилницата е закажана за петок, 30 август, од 18 часот во МКЦ. Наменета за деца од 10 до 14 години.
Приказната продолжува на 31 август, сабота, со почеток од 18 часот во МКЦ парк со настап на хрватското електропоп дуо – NIPPLEPEOPLE, канадското пост-панк трио OPERATORS, аргентинците MUERAN HUMANOS, SVEMIRKO, ZEEBOMB & MATEJ FOLTZ, DJ FITZ, DILLON, FUJIYA & MIYAGI премиерно на сцена со нашите Rib во изведба на некрунисаниот хит – “Rotator” и програмата Berlin via Skopje на која ќе настапи одличниот DJ квартет VIVIAN KOCH, CONFORCE, ALEX ACID, како и нашиот претставник на берлинскиот подиум STOJCHE.
Покрај музичката програма публиката ќе има можност да ја погледне и првата изложба на фотографии од Зденко Петровски / ЗдеПе насловена „МКЦ документ“. Изложените фотографии се резултат на период од скоро две декади документирање живот во/низ МКЦ.