Украинскиот претседател Володимир Зеленски преку објава на Телеграм потсети на злосторствата извршени од Русите во Буча, регионот Кијив, кој беше под нивна окупација 33 дена.
„Буча. 33 дена окупација. Повеќе од 1.400 смртни случаи, вклучително и 37 деца. Повеќе од 175 луѓе беа пронајдени во масовни гробници и маченички комори. 9.000 руски воени злосторства. 365 дена откако повторно е слободен украински град. Симбол на злосторствата на армијата на земјата окупатор. Никогаш нема да простиме. Ќе го казниме секој сторител“, напиша претседателот на Телеграм.
Исто така, Зеленски објави и видео, кое го пренесе и Украинската амбасада во земјава, на кое се прикажани злосторствата извршени од Русите.
Градот Буча во близина на Кијив беше ослободен од руските окупаторски сили на 31 март 2022 година, а еден ден подоцна беа откриени масовни гробници од убиени и мачени уктаински цивили од страна на руските окупатори.
Здружението „Лесја Украинка“ денеска организира митинг за одбележување една година од воените злосторства во Буча, Украина, кај споменикот на Тарас Шевченко во паркот „Жена борец“, со почеток во 16:30 часот.
Подготви: Д. Мишев