Украинскиот претседател Володимир Зеленски, во своето обраќање преку видео врска, ги повика учесниците на фестивалот Гластонбери во Велика Британија да извршат притисок врз политичарите да ја засилат помошта за Украина за враќање на мирот.
Зеленски истакна дека фестивалот повторно е отворен оваа година по двегодишна пауза. Тој додаде дека пандемијата ги запрела животите на милиони луѓе ширум светот, но не ги скршила.
„Ние, во Украина, би сакале да го живееме животот како порано и да уживаме во слободата и ова прекрасно лето. Но, не можеме да го направиме тоа бидејќи се случи најстрашното – Русија ни го украде мирот. Но, нема да дозволиме војната да нè скрши. И ние сакаме да ја запреме војната пред да ги уништи животите на луѓето во другите земји од Европа, Африка, Азија, Латинска Америка – сите тие сега се под закана. Затоа ви се обраќам за поддршка!“ рече Зеленски.
Тој нагласи дека Гластонбери е најголемата концентрација на слобода овие денови, па побара ова чувство да се сподели со сите чија слобода е нападната. Зеленски побара од учесниците на фестивалот да ја шират вистината за руската војна и да им помогнат на Украинците кои биле принудени да ги напуштат своите домови поради војната.
Ширете ја вистината за руската војна! Помогнете им на Украинците кои се принудени да ги напуштат своите домови поради оваа војна. Најдете ја нашата хуманитарна платформа United24. И вршете притисок врз сите политичари што ги познавате да помогнат во враќањето на мирот во Украина, нагласи Зеленски.
Зеленски истакна дека времето е бесценето, а секој ден се мери со човечки животи.
Колку повеќе луѓе ни се придружуваат во одбраната на слободата и вистината, толку побрзо ќе заврши руската војна против Украина. Докажете дека слободата секогаш победува!, повика Зеленски.
Учесниците на фестивалот со силен аплауз го поддржаа говорот на Зеленски.
Подготви: Д.Мишев