СОТИР ГАБЕЛОСКИ
Јавните настапи, демонстрираното херојство и некршливоста која ја покажува Володомир Зеленски, претседателот на Украина, станува пример за многу млади и идни политичари. Ако младите политичари во најава од Европа земаа примери и се трудеа да ги имитираат дел од западните лидери, Барак Обама, Ангела Меркел или пак на Владимир Путин, денес Зеленски станува еден рол модел која може да ја структуира иднината на многу млади инволвирани во политика.
Последното обраќање на украинскиот претседател предизвика силна емоција, а испратените пораки ги дигнаа на нозе сите членови на парламентот. Последната изјава за нападот на Русија врз здравствени установи претставува уште една моќна порака испратена од Зеленски преку која повторно ги артикулира своите барање до НАТО алијансата.
Сите овие настани Володомир Зеленски благодарение на своите реторички и ораторски способности ги претстави на начин кој постигнува неколку цели:
- Врши притисок на НАТО и генерално Западот
- „Собира“ емпатии од целиот Свет
- Ја претставува Русија на вистински начин – окупатор
- Инспирира храброст, борба и херојство
- Поттикнува единство во Европа
Како што и самиот вели во обраќањето пред британскиот парламент, украинскиот народ од обичен стана народ на херои, а силните пораки што ги испраќа предизвикуваат восхит насекаде.
Веројатно на Володомир Зеленски многу му помагаат актерските способности од неговото минато и, секако, ораторските способности кои ги унапредувал преку неговото присуство на ТВ екраните со години наназад. Но, храброста и достоинството кое го покажува зборува дека се работи за зрел политичар кој знае да ги води своите сограѓани во моменти на живот или смрт.
Зеленски полека станува нов „рол модел“, нов пример во европската политика. Поставува нови стандарди и станува уникатен што источна Европа произведува политичари за пример на кој ќе се огледуваат многу лидери во иднина.