Идејата и реализацијата на изложбата е на Наташа Јосифовска, која на прес-конференција рече дека во фокусот е целиот балетски ансамбл зашто целта на изложбата е да се прикаже вкупната работа, продукцијата во седумте декади и заедништвото во балетскиот ансамбл.
Чествувањето седум децении постоење на Балетот кое траеше во целата 2019 година, ќе биде заокружено со гала балетскиот концерт од 20 часот, кој ќе има два дела – класичен и модерен балет. Ќе учествуваат сите првенци на Балетот и целиот балетски ансамбл, како и гости солисти од неколку земји.
– Приказната што почна во 1949 година треба да ја негуваме и да ја воздигнуваме секогаш на повисок пиедестал. Со солистите и целиот ансамбл направивме убав колаж. Цела година беше во знакот на јубилејот, а ова ќе биде круната, рече директорката на Балетот Олга Панго, која е режисер на концертот заедно со Дејан Прошев.
На вечерашната свеченост ќе бидат доделени и благодарници на сите што придонеле во развојот на Балетот во изминатите 70 години, почнувајќи постхумно за основоположникот на балетскиот ансамбл Ѓорѓи Македонски – кореограф на првата балетска претстава, па сè до поновите генерации балетски уметници.
извор: МИА