Тетовчани претежно ја почитуваа мерката за забрана на движење. Според официјалните податоци на СВР Тетово, во петокот навечер мерката не ја почитувале само 3 лица кои без дозвола биле затекнати како се движат по стапување на сила на забраната. И вчера, додека на терен беше тимот ЦИВИЛ Медиа, не се забележуваше поголемо движење на коли, освен случаите за итни потреби, со уредни дозволи или по претходни најави во полиција. Според укажувањата на полициските службеници лицата кои биле запрени преку ден биле работници кои имаат дозволи или лица кои се упатиле на тетовската болница.
Загрижувачки за Тетово е бројот на лицата кои се изолирани со одлука на санитарно-здравствениот инспекторат, лицата во самоизолација и оние во државен карантин. Овие бројки во минатите 24 часа пораснале.
„Досега 233 лица во подрачјето на СВР Тетово се во изолација со одлука на санитарно здравствена инспекција, од тие 185 во Тетово и 48 во Гостивар. Последните 24 часа уште 6 лица, 5 во Тетово и 1 во Гостивар добиле иста одлука од инспекторатот. Во државен карантин моментално се 296 лица, 210 во Тетово и 86 во Гостивар. Од денеска 136 лица го завршиле карантинот од трите објекти сместени во гостиварскиот регион и се пуштени на понатамошна домашна изолација, но од друга страна денеска во Тетово на државен карантин се ставени дополнителни 59 лица“, соопшти вчера Фатмир Реџепи, портпарол на СВР Тетово.
Освен овие две категории, во полошкиот регион бројот на лицата кои се со изјава за самоизолација е во пораст. На 45 лица кои биле досега, од вчера во самоизолација се уште 38 нови и тоа 16 во Тетово и 22 во Гостивар. Реџепи изјави дека полициски службеници редовно ги проверуваат овие лица и последниот период мерката за изолација, карантин и самоизолација се почитува и нема забележени некои сериозни прекршувања или непочитување на мерката.
Полицискиот час тежок, но се почитува
Граѓаните на Тетово и околината иако ја почитуваат мерката за забрана на движење, не кријат дека ги доживуваат тешко и тоа создава револт и нетрпение кај нив. За оваа мерка има различни толкувања, но стравот од корона вирусот од една страна и високите казни од друга страна ги тера на крај сите да ја почитуваат мерката.
„Не верувам дека има потреба до толку да се затвораме, ова ми изгледа претерано, но мораме да почитуваме. Не сум сигурен и не знам што се случува, ќе почекаме да видиме што ќе стане“, вели еден граѓанин кој спаѓа во групата која е незадоволна и не сакаат да веруваат во веродостојноста на мерките.
Но, други велат дека оваа е работа на институциите и граѓаните не би било добро да судат и да ризикуваат на своја глава.
„Никој не сака да се затвора, ни јас. Но бидејќи низ целиот свет се донесени вакви мерки, ако ова го оправдуваат експертите, лекарите и институциите ние не може да ризикуваме. На крај опасноста е да се заразиме сите, и да ни се случи сценариото на Италија и по таква грешка никој не би се чувствувал спокојно. Затоа ќе бидеме трпеливи, за да ја надминеме оваа ситуација“, вели друг граѓанин на Тетово.
Тоа што го забележавме е дека граѓаните со кои разговаравме сакаа да останат анонимни.
Стравот го поврзуваат со борбата против лажните вести и високите казни и секој од нив вели дека не сака да биде дел од групата која шири лажни вести или да се сфати така од едната страна.
„Не знаеш кој како ќе те сфати, или државата може да се револтира од моја изјава или група граѓани кои се противат ќе ми кажат дека јас сум наивен, подобро е да молчам“, вели еден од нашите соговорници.
“Бројката се крие” спроти “Бројката се пумпа”
Населението во Тетово е поделено на три групи. Првата се оние кои не сакаат да анализираат повеќе но очекуваат институциите да ја завршат работата и тие да постапуваат по донесените мерки. Но две други групи се со сосема спротивставени теории на заговор.
Едната група се сомнева дека болниците и институциите ги кријат вистинските бројки на заразени со корона вирусот. Тие обвинуваат исто така дека и не се вршат доволно тестирања и дека многу заразени се оставаат дома да се лечат и за нив не се води евиденција.
Другата спротивна група мисли дека реално нема толку заразени, а најмногу се сомневаат на починатите лица од Ковид-19. Овие последните одат до таму што мислат дека и лица кои умираат од други здравствени проблеми се ставаат намерно во групата на заразени од корона вирусот. Оваа теорија ја оправдуваат со различни теории на заговор и мотиви, почнувајќи од тоа дека државата сака да добие повеќе пари од странство заради големиот број на заразени и починати до други објаснувања.
Но, двете спротивставени групи за нивните теории немаат ниту една одржлива аргументација или доказ. Се повикуваат на роднини на починатите, но без да спомнуваат имиња, а истовремено од ниту едно семејство од починатите нема такви сомнежи барем јавно кажано.
Друг извор на заговорниците се анонимните портали и лажните вести што циркулираат на интернет.
Онлајн култура и онлајн активности
Децата, учениците па и возрасните од тетовскиот регион, се повеќе да живеат онлајн, особено за време на полицискиот час. Освен образовните активности на интернет во пораст се и културните и уметничките активности. Деца кои имаат уметнички способности веќе почнаа да објавуваат разни културни точки, кој свири на виолина, кој танцува балет, други раскажуваат приказни и слично.
Арбен Зеќири