„Правдата доаѓа полека, но сигурно. До вчера, никој не веруваше дека Никола Груевски и луѓето околу него ќе одговараат или ќе одат на судење, а тоа денеска, веќе се случува. Добри моменти доаѓаат за Република Македонија, работите ќе се решат, судството мора да почне да функционира… Според мене, тоа е последниот бастион кој што се уште е под контрола на ВМРО-ДПМНЕ и Груевски, но и на таквото судство ќе му дојде крај. Кога ќе имаме ново судство во државата, тогаш ќе одговараат криминалците. Дел од крајот на оваа политичка криза мора да биде санкционирањето на криминалот, а персонификација на тој криминал е Груевски и луѓето околу него“, изјави Андреј Жерновски, градоначалникот на Општина Центар.
Коментарот на Жерновски е во врска со денешното одложување на судското рочиште во случајот „Демолирање на Општина Центар“ или „Нарачани шлаканици од Груевски за Жерновски“.
Присуството на Груевски на денешното рочиште, според Жерновски, може да се протолкува како доказ дека на Груевски му се брза, случајот да се затвори пред формирање на нова влада.
„Но, со нормализирање на судството ќе се случи разрешница. Освен тој суд на Груевски, во Македонија постои и судот на јавноста, кој јасно го кажа својот став. Судот е јасен, во Општина Центар, ВМРО–ДПМНЕ, изгуби на парламентарните избори со разлика од над 8.500 гласови, тоа ќе се повтори на локалните избори“, смета Жерновски.