Зимскиот поетски фестивал на Струшките вечери на поезијата оваа година го има своето второ издание од 25 февруари до 1 март, преку програмски активности и пристап кои се разликуваат од летниот фестивал, со цел континуирана промоција на поезијата во текот на цела година. Фокусот на Зимскиот поетски фестивал, СВП го насочија кон авторите чие творештво е објавено во превод на македонски, во престижната едиција „Плејади“.
Овогодишни учесници на Зимскиот поетски фестивал се Ласе Содерберг од Шведска, Хасан Закитан од Палестина, Иван Џепароски од Македонија, како добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2016-та, за најдобра поетска книга напишана на македонски јазик и објавена меѓу две изданија на СВП и Хабиб Тенгур од Алжир, кој денеска во 11:30 одржа предавање на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.
Поетскиот портрет на Тенгур ќе се одржи вечерва во Салонот „19,19“ во КИЦ, со почеток во 20:00 часот. За неговото творештво ќе говори професорот д-р Владимир Мартиновски, а модераторка ќе биде д-р Снежана Петрова.
За ова издание на Зимскиот фестивал, Струшките вечери на поезијата објавија обемни повеќејазични буклети за секој од учесниците, кои посетителите ќе можат да ги добијат на настаните, или да ги симнат од веб страницата на струшките вечери на поезијата.
Утре во 11:30 во свечената сала на Филолошкиот факултет предавање ќе има шведскиот поет Ласе Содерберг, а неговиот поетски портрет ќе се одржи во Салонот „19.19“ во КИЦ. Модератор на настанот ќе биде академикот Влада Урошевиќ.
За следната година се планира проширување на Зимскиот поетски фестивал и на универзитетите во Битола, Штип, Охрид и Тетово.