Од самиот почеток, ЦИВИЛ е простор на сите граѓанки и граѓани кои ги споделуваат вредностите на организацијата. Така, и медиумската платформа и Фејсбук страниците се простор за информирање со многу поширок опсег отколку информирање само за активностите на организацијата. Социјалните профили на ЦИВИЛ се простор за дискусија и споделување содржини за и од граѓанките и граѓаните, а не алатка за саморекламирање…
ЦИВИЛ Медиа и социјалните профили не се само медиумска платформа на ЦИВИЛ, туку на сите нас, заедно. На ЦИВИЛ.МК и на другите профили, како што се Граѓанско новинарство, Социјална правда, Слободни избори и други, секој има право да побара повеќе информации на одредени теми, да го сподели својот став и да ги пренесе информациите понатаму. Само ЦИВИЛ.МК во моментов има над 25.000 лајкови, а таа бројка секојдневно се зголемува.
Граѓанките и граѓаните континуирано ни пишуваат и ни испраќаат фото и видео материјали, коментираат и предлагаат како да ја направиме нашата заедничка медиумска платформа подобра и поинклузивна.
Следењето на ФБ страната на ЦИВИЛ ви овозможува да се информирате за најважните настани од земјата и од светот, без да морате да се провирате низ лавиринтите од реклами и пропаганда. Тоа е простор каде што можете да прочитате за личните ставови и анализи на многу различни авторки и автори.
Воедно, тоа е и станицата од која можете да дознаете повеќе за нашата работа во која можете и вие да се вклучите, да бидете дел од нашите настани или да побарате од нас да организираме настан или активности за кои вие сметате дека се важни. Доколку имаме можности, ќе ги спроведеме и тие активности кои вие ги предлагате.
ЦИВИЛ Медиа е медиумска платформа на ЦИВИЛ – Центар за слобода. Таа се развиваше во времето на медиумскиот мрак во Македонија, а ќе продолжи и во иднина да биде простор за слободно изразување и информирање. Ние сме имуни на сончоглед ефектот! Слободата на изразувањето и медиумските слободи за нас не се клучни зборчиња во проектна документација пред донаторите, туку животна определба. Многупати сме слушнале: „ЦИВИЛ не е фолирантска организација!“ Се согласуваме со тоа и секој ден даваме сѐ од себе тоа и да го докажеме.
Затоа што:
ЦИВИЛ е наш, заеднички, отворен и слободен простор!
ЦИВИЛите