Кривични за 51 лице и 28 фирми, штета од над 8 милијарди денари
Финансиската полиција од почетокот на годинава, заклучно со вчерашниот ден, поднеле 28 кривични пријави против 51 лице и 28 фирми, а се однесуваат на сомненија за 48 кривични дела. Директорот на Финансиската полиција, Арафат Муареми, изјави дека штетата која е причинета во овие случаи изнесува над 8 милијарди денари.
Директорот на МРТВ земал кредит без дозвола
Една од пријавите поднесена од финансиската полиција е против директорот на Македонската радио телевизија, Марјан Цветковски, за злоупотреба на службената положба и овластувања. Случајот се однесува на кредит од 140 милиони денари кој тој го зел од една домашна комерцијална банка.
Како што информираа од Финансиската полиција, тој како залог на кредитот го ставил целиот движен и недвижен имот во вредност од 294.459.822 денари односно 154.452.822 денари повеќе од вредноста на кредитот.
А сето тоа, според надлежните, тој го направил без да добие согласност од Собранието кое е основач и сопственик на јавниот сервис. Со тоа е прекршен Законот за јавни претпријатија.
Институтот за јавно здравје „простиле“ долгови од над 650.000 евра
Директорот на ЈЗУ Институт за јавно здравје, Шабан Мемети, раководител на Секторорот за логистика и правно-финансиски работи и референт на наплата на побарувања „простиле“ долгови кои граѓани и фирми ги имале кон оваа институција и направиле штата од над 650.000 евра.
Против тројцата е поднесена кривична пријава бидејќи не преземале ништо за да наплатат долгови и фактури кои кон Институтот од 2010 до 2017 ги имале поголем број на фирми и физички лица. Тие не доставиле опомени за тужби и не дале налози за тужби .
#КрајЗаРасипништвото
Токму заради ваквите и низа други случаи, на актуелните и поранешните фукционери, ЦИВИЛ – Центар за слобода неодамна ја започна иницијативата #КрајЗаРасипништвото.
ЦИВИЛ формираше граѓанска работна група за спроведување на иницијативата на 5 јуни 2019, кога се одржа и трибина на истата тема. Прв чекор на ЦИВИЛ и Работната група е онлајн петиција со барања за укинување на привилегиите на функционерите.
Меркел: Ќе направам се што можам за позитивна одлука
Првиот човек на германската влада, Ангела Меркел, денеска од лидерскиот самит на ЕУ во Брисел порача дека ќе го вложи целиот свој политички авторитет за Северна Македонија да добие датум за преговори со унијата до октомври.
„Ќе направам сѐ што можам за да се донесе таа позитивна одлука затоа што Северна Македонија направи примерна работа со Преспанскиот договор, одлична работа, и разговаравме за ова вчера. Станува збор за неколку недели, навистина, но нашата заложба стои и што се однесува до мене ќе ја заложам сета своја политичка тежина за ова“, одговори Меркел на новинарско прашање.
Заев: Одлуките за реконструкција се донесени, ќе ги доставам во недела
Премиерот Зоран Заев попладнево изјави дека во недела попладне до Собранието ќе го достави предлогот за реконструкција на Владата. Тогаш, како што рече, ќе ги соопшти деталите околу имињата и ресорите.
„Нашата земја денеска, утре и во недела претпладне е домаќин на Конституенцата на повеќе од 15 министри за финансии, гувернери, тројца потпретседатели на Светската банка и двајца потпретседатели на Меѓународниот монетарен фонд. Сакаме да се покажеме во најдобро светло и тоа е главната причина. Одлуките се донесени и во недела попладне ќе ги доставам до Собранието материјалите за сите промени што ќе се случат во Владата“, изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања по денешната презентација во Бирото за метрологија.
Паралелно со ова, како што истакна, се работи и на вториот бран со кој треба да бидат опфатени директори и членови на управни и надзорни одбори во јавните претпријатија.
Во однос на промените што се прават внатре во Социјалдемократскиот сојуз, Заев информира дека останува да се именуваат потпретседателите на партијата и уште 20-тина претседатели на општинските организации на партијата.
М. И.