Categories

ИЗДАВАШТВО Значењето на стилот на Дик Хебриџ

Промоцијата на „Поткултура: Значењето на стилот“ на Дик Хебдиџ, во издание на Фондацијата Отворено општество – Македонија вчера во Гем клуб/Менада беше проследена со дебата, а за книгата говореа Владимир Милчин, режисер и професор и Славчо Димитров, теоретичар на културата и активист.„Поткултура: Значењето на стилот“ на Дик Хебдиџ, првично издадена во 1979 година, се фокусира на британските поствоени, младински поткултури и стилови во Британија како симболична форма на отпор. Хебдиџ го потенцира историскиот, социо економскиот, класниот, расниот и мас-медиумскиот контекст во кој секоја од поткултурите се развива. Тој презентира и модел за анализа на младинските поткултури како што се тедибојсите, модсите, рокерите, скинхедите и панкерите. Хебдиџ го утврдува заедничкиот отпор кон британските национални симболи како „заедничка тема“ која ги поврзува тие поткултури. Дополнително, тврди Хебдиџ, претприемачите, бизнисот, секогаш брзо наоѓаат начин како стилот или музиката на одредена поткултура да ги направат производ за широка потрошувачка. На овој начин, она што некогаш било субверзивно, радикално, знак на отпор, сега веќе ги нема тие карактеристики, се претопува во доминантната култура.

За „Поткултура: Значењето на стилот“ Славчо Димитров ќе истакне дека е една од највлијателните книги кои обработуваат теорија на поткултури, а денес слободно може да се нарече класика, неизбежна и задолжителна референца во студиите на поткултурите, и
културните студии и критичката теорија воопшто.

Тој ја препорачува „Поткултура“ на Хебдиџ како книга која треба да претставува задолжително четиво за љубопитните умови и критички зналци од различните дисциплини во рамки на општествените и хуманистички науки, но и сите уметници, културни работници и борци за еднаквост и правда.

Книгата „Поткултура: Значењето на стилот“ на Дик Хeбдиџ е издадена од Фондацијата Отворено општество – Македонија, преводот од англиски е на Ема Маркоска Милчин и Гордана Стошиќ, додека стручната редакција е на Владимир Милчин.

image_pdf image_print
Print Friendly, PDF & Email