Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) најостро ја осудуваат тековната кампања за оцрнување насочена кон независните и критички настроени медиуми. Оваа кампања дополнително засилена на социјалните мрежи – има за цел да ги дискредитира медиумите и новинарите кои постојано откриваат корупција, злоупотреба на моќта и други прашања од јавен интерес, соопштија од ЗНМ.
Лажниот наратив дека овие медиуми добиле средства од УСАИД за да ја поткопаат демократијата претставува обид да се делегитимира нивната работа, иако нивното известување доведе до законски реформи, кривични истраги и санкции против одговорните за разни злоупотреби. Овие медиумски кампањи за оцрнување, единствено имаат за цел да го замолчат независното и критичко новинарство и да ја нарушат довербата во медиумите пред граѓаните, се наведува меѓу другото во соопштението на ЗНМ.












