На својот твитер профил Здружението на новинари на Македонија објави дека новинарот Зоран Божиновски денеска излегува од затвор, а Македонија се симнува од срамната листа на земји со затворени новинари.
Зоран Божиновски е обвинет во случајот „Шпион“ за уцена, измама, злосторничко здружување и шпионажа. Освен во соработка со тајни странски служби, обвиненијата беа насочени и кон откривање државни тајни во медиумите и на Интернет порталите.
Божиновски во 2013 не беше достапен за полицијата. Во април минатата година се поведе истражна постапка по неговото екстрадирање од Србија во Македонија.
Основниот суд Скопје 1 денеска соопшти дека по предлог на јавниот обвинител, мерката притвор се укинува, а се определуваат превентивни мерки за обезбедување присуство на обвинетиот во текот на постапката.