Categories

ЦИВИЛ Анатомија на предизборната кампања

ЦИВИЛ одржа прес конференција на која ги презентираше своите наоди и анализи од изборниот мониторинг во пресрет на локалните избори во Република Македонија. Џабир Дерала ги презентираше сознанијата на набљудувачите од терен, за национализмот, верската нетрпеливост, говорот на омраза, злоупотребата на ресурсите и администрацијата, злоупотребата на децата и нетранспарентното финансирање во екот  на предизборната кампања.

Исто така, ги презентираше и информациите од извештаите на набљудувачите во врска со предизборните насилства ширум земјата.

„Забележуваме повеќе случаи на злоупотреба на деца. И овој изборен процес децата се користат бескурпулозно како алатка, дури и до самите родители во еден случај што го забележи мониторинг тимот на ЦИВИЛ, во изборен контекст. Тоа мора да престане, мора да се преземат сериозни мерки за да се подобри политичката култура и децата да се остават настрана од политиката и предизборната кампања“, изјави Дерала на прес-конференцијата.

Во извештајот од мониторингот на изборниот процес за престојните локални избори, големо внимание се посвети и на изборните нерегуларности што ја одбележаа во голема мера предизборната кампања.

„ Едноставно, локалните избори наместо да се занимаваат исклучив со локални проблеми и теми секогаш имаат проблеми и теми што се однесуваат на национално ниво, односно често пати тоа е токму национализмот, верската омраза, проблемот на Македонија со името, меѓународната заедница… Присутен е говорот на омраза, особено за социјалните мрежи..“ истакна Дерала.

Избирачкиот список е во хаотична состојба, а прес-конференцијата започна со изјава на граѓанин што нема да може да си го оствари правото на глас, затоа што, како што вели, од непознати причини, тој и жена му не се на избирачкиот список.

ЦИВИЛ – Центар за слобода, денот на изборите, во недела, 15 октомври, го започнува во 6:30 изутрината, а во текот на денот се предвидени прес-конференции во интервали од два часа, како и дебата во 20 часот. Прес центарот ќе биде во хотел Сити Парк, а мониторинг тимот на ЦИВИЛ ќе биде достапен за информации  цел ден.

 

Print Friendly, PDF & Email