Categories

СИНДИКАТ (2) Димовски: Ќе ги вратиме правата на работниците, загубени во времето на Митревски

Се наѕира ли крај на хаосот во ССМ: Димовски ја презема лидерската функција, но Митревски се заканува…

Иако Советот на ССМ уште во ноември 2016, го разреши Живко Митревски од функцијата претседател на ССМ, а тогашната министерка, Фросина Ташевска Ременски ја прифати одлуката, наследникот на функцијата Ибрахим Ибрахими го поништи нејзиното решение. Сега, актуелната нинистерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, го прогласи за ништовно решението на Ибрахими со кое се поништува одлуката на нејзината соппартијка Ташева – Ременски, односно, на сила е повторно решението на Ташева-Ременски, со кое легитимен лидер на ССМ е Дарко Димовски. За почеток на неговиот мандат е неопходно уште Централниот регистар да го впише како нов претседател на ССМ. Но, иако Врховниот суд ја прифати жалбата на синдикатите кои го разрешија Митревски и побара Управниот суд да му наложи на Централниот регистар да го впише името на новиот в.д. претседател – Димовски, тоа досега не се случи.

„Се подготвуваме да го реформираме ССМ, да ги вратиме избрканите синдикати, да направиме реформи и да почнеме подобрување на работничките права, како и враќање на дел од тие права, загубени за време на квазипретседателот Живко Митревски“, изјави Димовски за „Фокус“.

Разрешениот Митревски кој ги исклучи од ССМ синдикатите кои го сменија од функцијата, и кому фотелјата за време на власта на ВМРО-ДПМНЕ, му ја чуваа и „специјалци“, денеска побара оставка од министерката Царовска и се закани со масовни протести и штрајкови на синдикалците, ако не биде веднаш повлечена одлуката за негово сменување!

МТСП попладнево испрати соопштение со реакција на прес-конференцијата на Живко Митревски, во кое се вели дека  изнесените обвинувања на разрешениот лидер се неосновани, неаргументирани и неточни. „Решението кое што МТСП го прогласи за ништовно е врз основа на член 124 од Законот за општа управна постапка, а не врз основа на Законот за работни односи, како што тврди Митревски… Ниту известувањата дадени од претседателите на некои синдикати… , не се доказ дека Митревски е законски претседател на ССМ, бидејќи со изјава на поединец во форма на известување, не може да се менува одлуката за отповикување на Митревски од функцијата претседател, донесена на седница на Советот, одржана на 13 ноември 2016 година“, се вели во реакцијата на МТСП.

Print Friendly, PDF & Email