На денешното одбележување на Денот на германското едниство во хотелот Александар Палас, германскиот амбасадор Томас Герберих истакна дека и покрај влегувањето на десноконзервативната партија АФД во германскиот Бундестаг, Германија има силен демократски капацитет, за да се справи со предизвиците и дека ќе продолжи со својата поддршка на напорите на Македонија за европска интеграција.
Герберих, меѓу другото, ја истакна блиската соработка на двете земји, во политиката, економијата и културата, која ќе продолжи со истиот интензитет и во наредните години. Билатералниот трговски волумен меѓу Германија и Македонија е речиси три милијарди евра, потенцираше амбасадорот Герберих.
„Значаен составен дел од нашите заеднички напори ќе биде да се продлабочи и прошири перспективата на евро-атлантската интеграција на вашата земја“, рече Герберих.
Тој се осврна и на подобрувањето на добрососедските односи на Македонија и новиот владин курс во таа област: „Во оваа смисла, Германија ги поздравува брзо остварените отворени и позитивни значајни гестови на вашата нова влада во рамките на регионалната политика, како на пример, склучувањето на Договорот со Бугарија и развојот на добрососедските односи со Грција“.
Тој исто така ги посочи претстојните локални избори како значајна етапа на патот кон Европската Унија. „Се надеваме на фер и слободни избори, без да се врши влијание на гласачите“, рече тој.
На свечената церемонија на која присуствуваа државниот врв, опозицијата, сите странски делегати и претставници на многу невладини организации, не се појавија претседателот Ѓорѓе Иванов и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Маја Ивановска