Седми ден новинарите и медиумските работници на „Утрински весник“, „Вест“ и „Дневник“ штрајкуваат за неисплатените јануарски плати. Со испишани пароли и свирчиња, тие бараат од менаџментот на Медиа Принт Македонија да им се исплатат задоцнетите плати.
Штрајкувачкиот одбор вели дека прекинот на работата во редакциите се одвива според планираното, по шест часа дневно и дека, иако во некои редакции постои тензија, кај штрајкувачите продолжува решителноста да се борат за своите права.
Продолжува и штрајот на вработените во Македонски Железници. Денеска генералниот директор на Македонски железници – Транспорт, Никола Костов поднесе оставка на функцијата. Од Владата велат дека ја имат информацијата, но дека сè уште нема одлука дали ќе ја прифатат оставката на Костов. Вчера, со одлука на Владата се обезбедени седумдесет милиони денари за исплата на плати. Но, според Синдикатот тие пари не се доволни.
Од Министерството за транспорт и врски не кажуваат од која ставка од буџетот на Министерството се земени седумдесете милиони денари за плати на работниците.