Претставниците на иницијативата „Калегзит“, добија дозвола за собирање на 600.000 потписи за отцепување на сојузната државата Калифорнија, од Соединетите Американски Држави. Дозволата ја потпиша калифорнискиот државен секретар Алекс Падиља. Тој изјавил дека иако дал зелено светло, не значи дека и ја поддржува иницијатвата.
„Одлуката за гласање и отцепување би ѝдонела многу трошоци на Калифорнија“, смета Падиља.
Потребните потписи треба да се соберат пред март 2019-та година, за кога е најавеното гласање за незвисноста. Прашањето на референдумот би гласело: „Дали Калифорнија би требало да биде слободна, суверена и независна држава?“
Според последните спроведени истражувања, 32 отсто од жителите на Калифорнија би гласале за отцепување од САД.
Застапниците на идејата за оцепување на Калифорнија, сметаат дека во интерес на државата е да не биде повеќе дел од САД.
„Не само што Калифорнија е приморана со своите даноци да плаќа огромни издвојувања за војската која се праќа да војуваме во судири кои повеќе го јакнат тероризмот отколку што го слабеат. Единствена причина што нé напаѓаат терористите е тоа што сме дел од САД. Освен тоа, Америка ја мрази Калифорнија!“, изјавил Маркус Иванс, потпретседател на движењето „Да, Калифорнија“.
Во септември минатата година, стапката на невработеност во таа сојузна држава на САД изнесувала 5,5 проценти. Економијата на Калифорнија е зависна од трговијата и од меѓународните бизниси. Во 2008 година, Калифорнија извезла стока во вредност од 144 милијарди долари, а речиси половината се компјутери и електрични апарати. Кога Калифорнија би била независна држава, би била шеста економија во светот и 35-тата држава на листата на најнаселени земји во светот.