Клиничкиот центар, веќе пет години е перманенто предизборно ветување за уште едно „остварување“ на ВМРО-ДПМНЕ, но од него. засега, постои – само дупка која зјае!
„До 74 милиони евра е буџетот за изградба на овој центар, со планот за дополнителни работи. Една од понудите е во рамките на буџетот, но и да не беше така, има процедура за зголемување на буџетот, ако има потреба“, изјави прaтеникот и ексминистер за здравство, Никола Тодоров за тендерот за долго очекуваната изградба на нов Клинички центар.
Понудите за изградба на Клинички центар се повисоки од проценката на Владата, но Тодоров не се откажува и уверува дека пари сепак, ќе се најдат. Пред два месеца, Тодоров изјави дека за изградба на Центарот се потребни околу 70 милиони евра, а сега, таа цена порасна за четири милиони евра. Значи ли ова дека тендерот ќе се бутка по секоја цена?
Конзорциумот составен од две домашни компании „Бетон“ и „Гранит“ и една странска компании, е со најниската понуда од 72,2 милиони евра. Фирмите „Колектор колинг“, „Гуерато“ и „Нова Горица“ за изградба на новиот Клинички, понудиле 76,4 милиони евра, а третата понуда – достигнала и 76,6 милиони евра.
„Од сево ова, гледам тенденции на обиди за мешање во текот на евалуацијата од некои кои сметаат дека тоа е опортуно да го направат. Да оставиме на Комисијата законски да си ја заврши работата“, рече Тодоров.
Долгоочекуваната изградба на Клинички центар беше првично најавена уште во 2012 година, за во 2014-та да биде ископана дупка која и ден-денес зјае празна! Според најавите, во првиот квартал на 2017-та се очекува да стартува изградбата, а во 2021-та и да профункционира новиот Клинички центар.