„Унапредување на знаењето и подигнување на свеста на новинарите во однос на постоечките домашни законски решенија кои го гарантираат правото на слобода на изразување, како и за зајакнување на новинарските вештини при известување за работата на судството и интерпретирање на судските пресуди и на судската терминологија, вклучително и на работата на Европскиот суд за човекови права“, се дел од целите на работилницата „Зајакнување на судската експертиза за слободата на изразување и за медиумите во Југоисточна Европа (JUFREX)“.
Учесниците, новинари и уредници од национални и локални, електронски, печатени и интернет-медиуми, сметаат дека e потребно дополнително подобрување на легислативата и на квалитетот на нејзината примена, во насока на поголема правна заштита на новинарите при извршување на секојдневните професионални обврски.
Предавачи на работилницата беа д-р Мирјана Лазарова-Трајковска, меѓународен експерт и поранешен судија на Европскиот суд за човекови права, адвокатот Лазар Сандев, Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби при Совет за етика на медиумите и Насер Селмани, претседател на Здружението на новинарите на Македонија.
Во излагањата беше посочена неодамнешната пресуда на Судот во Стразбур, во која се констатираше повреда на правото на слобода на изразување и на правото на фер судење, во случајот со исфрлањето на новинарите од собраниската галерија на 24 декември 2012 година.
Дводневната работилница ја организираше Македонскиот институт за медиуми, во рамки на проектот на ЕУ и на Советот на Европа.