No Pasaran! Ние не ја менуваме нашата „песна“ и ќе ја повторуваме сè дури не ве видиме во „Идризово“! На ваша голема жал – нема да ви помине! Оти, исто, на ваша голема жал, #ШаренаРеволуција сè уште трае! Оти ние не се боревме за власт, туку борбата беше за уривање на една ужасно изопачена диктатура, едно злосторничко здружение, кое мора судски да одговара за своите злодела сторени кон граѓаните на Македонија и сите до еден, секој според заслуженото – ќе биде осуден. Да си ја одлежи заслужената казна.
„Шутка“ и „Идризово“, нестрпливо ги очекуваат со ширум отворени порти!
Но, не само затвор!… Туку, и – украденото да се врати!
Да се конфискува, да се продаде, да се извади секое украдено и добро сакриено евро, на нивните тајни сметки на Белизе, Малдиви, во Швајцарија, Чешка… Ако треба (а треба!) и оној – „мермерниот бункер“, рајхстагот нивен, дувлото на дрпмне-фашистичка; камен по камен да се расклопи и камен по камен да се продаде… Но, тоа што е украдено од народот, да биде вратено! Вратено до последно евро!
Меѓу другото, #Шарените се бореа и за удирање темели на држава со нови здрави столбови т.е. институции на системот од кои ќе бидат „хируршки остранети“ сите коруптивно – непотистички општествени „фелери“, општество во кое – партијата и државата ќе се јасно подвоени…
Се боревме, сè уште се бориме, и ќе се бориме до крај – за нова, граѓанска Македонија, каде на општествениот пиедестал ќе биде поставен (и занавек ќе остане таму) „обичниот“ граѓани, а неговите граѓански права и слободи ќе станат алфа и омега на таа „нова“ Македонија!
#ШаренатаРеволуција од почеток имаше јасни барања и сè додека тие барање не бидат исполнети, #ШаренатаРеволуција ќе постои и ќе се бори!
Не велам дека е мала работа што го урнавме диктаторот. Што го разобличивме и ја покажавме „голотијата на царчето Николче“, исто така ја разобличивме и целата таа фашистичка булумента, целото тоа злосторничко здружение, кое има нанесено незапамтено огромна штета на Македонија и на македонските граѓани, такво нешто, како тие ужасни 11 години диктатура, македонската историја не памети…
Но, од друга страна, свесни сме, дека нашиот виножитен пат не е дооден… Што не значи, дека – чекор по чекор – нема да стасаме до целта кон која тргнавме, кон која целевме и која сè уште ни е цел…
Според мене, следниот чекор, кој нè очекува, а треба решително, жестоко, цврсто…, и секако „шарено“, да го исчекориме, е – конечно да ја видиме: #МафијатаНаРобија!
Ta, како што реков на почетокот: Ние не сме отстапиле и нема ни да остапиме од нашите барања, а најмалку од оваа барање, бидејки ако судот (во името на македонскиот народ), не биде решителен и жесток кон носителите на диктатурата, токму соодветно – колку што таа иста диктатура беше сурова кон истиот тој народ, народ кој беше и газен. пљачкосуван и обесправен – „до балчак“…
Ние не ги менуваме ни нашите обувки – ни нашата „нашата песна“. Ако некој ја има подзаборавено, еве, потсетете се!
[divide]