Основното јавно обвинителство – Скопје, во врска со настаните во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година, спроведе истражна постапка против едно лице за сторено кривично дело – Насилство од членот 386, став 6, а во врска со ставовите 3 и 1 од Кривичниот законик, за кое, согласно ставот 6, е предвидена казна затвор во траење од 3 до 10 години.
По завршената истражна постапка, до Основниот суд Скопје 1 – Скопје е поднесен и обвинителен акт против осомниченото лице..
Лицето е обвинето дека за време на настаните за време на „крвавиот четврток“, во законодавниот дом, извршило грубо насилство, повлекувајќи ја за коса пратеничката Радмила Шекеринска, која се здобила со тешка телесна повреда.
Покрај Шекеринска, за време на „крвавиот четврток“, жртви на напаѓачите беа и Зоран Заев, Дамјан Манчевски, Максим Димитриевски…, кои завршија со раскрвавени лица, а најтешко беше повреден лидерот на ДР ДПА, Зијадин Села, кој девет денови беше на болничко лекување.
Јавноста очекува обвиненија и судска разврска и за нивните напаѓачи.