На социјалните мрежи и медиумите се шири морбидно видео на еден граѓанин, како стои пред погребален венец и му порачува на градоначалникот на Штип, Илчо Захариев -„Бог да го прости и вечна му слава“. Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека со овој потег се исмејува христијанската вера и обичаи.
„Оние кои ја погледнаа видео снимката од најдобриот другар на Бочварски не можеа да не се згрозат од кажаното во истата. Кандидатот сака да го види мртов, градоначалникот на Општина Штип, прим. м-р Илчо Захариев, па затоа во текот на вчерашниот ден порача да му се одржи опело. Гледајќи од аспект на тоа дека опелото е изведено од другарот на Бочварски, Сафет Али, наш сограѓанин од муслиманска вероисповед, СДСМ сака да ги исмее нашата вера и обичаи, а со тоа на штипјани им покажува на кое ниво е нивната грижа за македонскиот народ и неговите верски и национални чувства“, стои во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.
Градоначалникот и повторно кандидат, Илчо Захариев, од ВМРО-ДПМНЕ, вели дека побара 24 часовна полициска заштита, бидејќи стравува за својата безбедност.
Противкандидатот Благој Бачварски од СДСМ, на својот Фејсбук профил го осуди овој морбиден чин.
„Јавно сакам да се оградам од секој вид на говор на омраза кон моите политички опоненти. Вакви ниски подметувања и спинови се својствени единствено на ВМРО-ДПМНЕ. Ниту јас ниту било кој функционер на СДСМ нема никогаш да се служи и да користи вакви морбидни шеги…“
ЦИВИЛ – Центар за слобода, како во минатото, така и сега, го осудува овој настан и бара од политичките партии да ги повикаат своите членови и активисти да не користат говор на омраза.
Д.М.