Фондацијата „Фридрих Еберт“ во соработка со „Прогрес“ – Институт за социјална демократија објави конкурс за учесници на вториот Форум за родова еднаквост. Станува збор за проект кој треба да обезбеди инклузивна платформа за развој и промоција на јавни политики во сферата на родовата еднаквост во духот на вредностите на социјалната демократија. Како што се вели во повикот, платформата има за цел – подлабоко проникнување во родовите аспекти со експертска поддршка и емпириски податоци.
Активностите на форумот ќе овозможат учесничките и учесниците да се сензибилизираат за теми од областа на родовата еднаквост и родова интеграција, родовата интеграција, родовото насилство и дискриминација, зајакнувањето на позицијата на жената во општеството.
По завршената селекција, избраните кандидати ќе бидат дел од четири циклуси на дводневни викенд-семинари.
Како резултат на континуираната работа за време на првиот Форум за родова еднаквост, со експертска поддршка, споделување на практични искуства и континуиран дијалог со сите релевантни чинители од академската и професионалната заедница, учесничките и учесниците на Форумот подготвија три документи за јавни политики: Самохраните мајки – жртви на мултиплицирано насилство, „Граѓанско образование“ за родова рамноправност – промена на наставната програма за осмо одделение и Здравствена заштита во затворите во Република Македонија, со посебен акцент на здравјето на жените.