Адвокатот, Насер Рауфи кој е член на Комитетот за заштита на правата и дел од експертскиот тим, зборува за ЦИВИЛ Медиа, за идејата и целите на Комитетот, како и за конференцијата која ќе се одржи во сабота (16 септември).
„Комитетот за заштита на правата првенствено е за предметите кои се монтирани и со политичка конотација. Тука ги опфаќаме предметите како што се: ‘Шпион’, ‘Метастаза’, ‘Бродец’, ‘Сопот’, ‘Диво Насеље’, ‘Монструм’…, а целта е да се побара и да се реализира повторување на овие предмети, иако дел од нив сè уште не се завршени. Се работи за предмети каде што има многу обвинети без докази“, ни изјави Рауфи, кој најави и дека на утрешната конференција ќе бидат присутни и членови од семејствата на обвинетите.
„Јас мислам дека ќе ја постигнеме целта, а целта на Комитетот е да се направи ревизија на овие предмети… Поентата е конечно да успееме да постигнеме владеење на правото“, вели Рауфи.
„Имаме пресуди кои не се законити, без никакви докази, нарушено е правото на одбрана, нетранспарентноста на главните јавни расправи, се забранува присуството на одредени луѓе на јавни седници… Правдата во Македонија е киднапирана!“, дециден е адвокатот.
Текст и монтажа: Маја Ивановска
Камера: Дехран Муратов