Премиерот Зоран Заев вчера во Њујорк се сретна со еврокомесарот Јоханес Хан и беше еден од присутните на заедничката вечера ја организираше Високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини.
На средбата Хан ги поддржа демократските процеси и започнатите реформи во Македонија со порака дека се важни за перспективите на земјата и на целиот регион
„Продолжете да работите демократски врз започнатите реформи. Тоа што ќе го постигнете е важно за перспективите на вашата држава и за целиот регион“, порача еврокомесарот Хан. Тој ги оцени иницијативите на Владата на Македонија за добрососедство и за регионална соработка како корисни во процесот на напредување на целиот Западен Балкан во евро-атлантските интеграции.
Премиерот Заев соопшти дека Владата на Република Македонија е активно фокусирана на реализацијата на реформскиот „План 3-6-9“ и на потребните активности за остварување на стратешките евро-атлантски цели на државата.
„Ја заокружуваме првата фаза според предвидениот рок, до крајот на септември. Го имаме Извештајот на експертот од ЕУ, Прибе и неговите сугестии ќе бидат земени предвид во вториот дел од Планот, на којшто веќе работиме. Нашата цел е да создадеме услови за квалитетен живот на граѓаните на Македонија и за евро-атлантските интеграции. Работиме напорно, инклузивно, вклучувајки ги граѓаните, граѓанските организации, политичките партии, ги зацврстуваме постоечките пријателства и градиме нови, со државите од соседството и на меѓународен план. Со право очекуваме исчекор во европските интеграции наесен, преку тргање на условеноста на препораката, а потоа и датум за преговори. Паралелно, сметаме дека ги исполнуваме потребните услови и за интеграцијата во НАТО“, рече премиерот Заев.
На средбата се разговарало и за отворените можности за напредок на Македонија на економски план, преку зголемениот интерес на домашните и странските инвеститори и придонесот што ќе го имаат отворените евро-атлантски перспективи за економскиот развој на Република Македонија.
По едночасовната средба со еврокомесарот Хан, претседателот на Владата беше на вечерата што за лидерите на Западен Балкан ја организираше Високата преставничка за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, во седиштето на делегацијата на ЕУ при ОН.